Сакате да направите добро дело? Посегнете со раката и допрете некого. Можеби не верувате, но само еден мал допир може да разубави нечие секојдневие. Сите ние имаме потреба од допир, независно дали е во форма на охрабрувачко тапкање по грбот, пријателска прегратка, страстен бакнеж, романтично милување или релаксирачка масажа. Никогаш не ја потценувајте важноста на позитивниот допир, затоа што тој:
Нè смирува по напрегнатото секојдневие
Само еден нежен допир може да го избрка немирот и да направи вознемиреноста да исчезне како никогаш и да не постоела. Допирот го забавува ритамот на отчукувањата на срцето и го намалува нивото на кортизол, хормонот на стресот, па како резултат на тоа нè успокојува и релаксира.
Влева доверба и сигурност
Кога едно бебе плаче, ние инстинктивно го земаме во нашата прегратка за да ги сопреме неговите солзи, затоа што длабоко во нас сите знаеме за специјалниот ефект на допирот и колку тој може да придонесе за да се чувствуваме безбедно. За време на посакуваниот допир, во нашето тело се лачи окситоцин, кој предизвикува чувство на доверба и го поттикнува зближувањето.
Дава поддршка и изразува сочувство
Поврзани објави
Допирот пренесува и пораки како „Тука сум за тебе“ или „Многу ми е жал“. Па, следниот пат кога вашата пријателка ќе биде вознемирена поради љубовен проблем, вашето дете ќе биде разочарано поради лоша оценка или вашата колешка ќе биде тажна поради смрт на блиска личност, сè што треба да направите е нежно да ги допрете и прегрнете. Нивното тело правилно ќе го интерпретира вашиот допир и ќе ја пренесе саканата порака.
Ја намалува болката
Се сеќавате ли дека кога бевте мали, по секое паѓање инстинктивно ја поставувавте раката на удреното место? Сте забележале ли дека кога ве боли стомакот, веднаш ја поставувате дланката на стомак? Допирот има моќ да ја намалува болката. Истражувањата покажуваат дека прегратките, допирите и милувањата ја намалуваат болката, особено кога доаѓаат од сакана личност.
Го редуцира стресот и го подобрува имунитетот
Сигурно сте слушнале дека стресот е основниот предизвикувач на многу болести, бидејќи вознемиреноста и нервозата го намалуваат имунитетот. Но, луѓето отсекогаш го знаеле природниот лек против стрес – допирот. Логиката е едноставна: намалувањето на стресот и вознемиреноста резултира со подобар имунитет, а оттаму и со подобро здравје.
Ќе ви подари мирен сон
Ви се случило ли по стресниот работен ден да потонете во прегратката на партнерот и да заспиете како бебе? Бидете сигурни дека ќе ви беше потешко да влезете во светот на соништата ако го немаше вашиот сакан до вас. Но, освен на партнерот, кажете му „Благодарам!“ и на допирот, затоа што тој е „виновникот“ за вашето брзо заспивање.