Table of Contents
Креативни рецепти на Теа Стојановска (@teahappycorner)
Инспирирани од најубавиот период во годината, посакавме да го разбудиме и нашиот организам со вкусен појадок за енергичен почеток на денот. Во тоа ни помогнаа креативните рецепти на Теа Стојановска (@teahappycorner), кои несомнено ќе ја донесат пролетта во вашата чинија.
ПЕЧЕНИ ПАЛАЧИНКИ
Сите обожаваме палачинки, а ако ги приготвите по рецептот на Теа, ќе добиете брз појадок за напорните работни денови. Најдоброто од сè е што се печат, па нема да потрошите време стоејќи на шпоретот!
Состојки:
- 4 јајца
- 600 мл грчки јогурт (со 0 % масленост)
- 2 лажички екстракт од ванила
- 220 г мелени овесни снегулки (или интегрално брашно)
- 2 лажици прашок за печиво
- 30 мл мед или друг засладувач
- додатоци по избор (овошје, темно чоколадо)
Приготвување:
1. Прво, измешајте ги влажните состојки. Потоа, додајте ги сувите состојки и добро измешајте.
2. Рамномерно распоредете ја смесата во плех обложен со хартија за печење.
3. Додајте декорација по избор. Теа одбрала зрнесто овошје и банана.
4. Сервирајте со мед, грчки јогурт и овошје по избор. Од оваа смеса ќе добиете 4 порции кои можете да ги чувате во фрижидер и да ги јадете во рок од четири дена. Уживајте!
ПИТА СО СИРЕЊЕ И СПАНАЌ
Понекогаш на сите ни треба храна што ќе нè врати во детството и ќе го забави времето барем за миг. На многумина питата со сирење и спанаќ им е еден од омилените избори за појадок, бидејќи заситува и многу е вкусна. Пригответе ја во поздрава варијанта по рецептот на Теа и нема да мора да се грижите за килограмите!
Состојки:
- 4 јајца
- 180 г младо сирење (котиџ-сирење)
- 50 г интегрално брашно
- 100 г спанаќ
- сол
- 1 лажиче прашок за печиво
- 20 г мешавина од семиња
Поврзани објави
Приготвување:
1. Загрејте ја рерната на 200˚Ц.
2. Во длабок сад измешајте ги јајцата со сирењето. Потоа, додајте ги и преостанатите состојки во садот.
3. Префрлете ја смесата во сад обложен со хартија за печење и одозгора посипете 20 г мешавина од семиња.
4. Печете 20 минути на 200˚Ц и уште 10 минути на 150˚Ц.
5. Од оваа смеса ќе добиете две порции. Послужете со чаша јогурт и уживајте!
ТОРТА СО МОРКОВИ И ПЕЧЕН ОВЕС
Здрав десерт за појадок? Може! Оваа печена овесна каша е совршена, затоа што ќе извалкате само еден сад, а ќе имате готов појадок за наредните неколку денови!
Состојки:
- 2 банани
- 160 г овес
- 2 дози протеин од ванила (може и интегрално брашно како замена, ако не користите протеин)
- 30 г мелени ореви
- 300 мл растително млеко
- 100 г рендан морков
- 1 лажиче цимет
- 1 лажиче прашок за печиво
- 30 г темно чоколадо (опционално)
Приготвување:
1. Загрејте ја рерната на 180˚Ц.
2. Згмечете ги бананите во огноотпорен сад за печење. Изрендајте го морковот и ситно исечкајте ги оревите, па додајте ги сите преостанати состојки во садот.
3. Добро измешајте и додајте ситно сечкано темно чоколадо (по избор).
4. Печете 35-40 минути во загреана рерна. Од оваа доза ќе добиете 3-5 порции, зависи од вашиот апетит. Уживајте!
Подготвила: Марија Лукаревска
ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА