Почетна СветКолумна на Проф. д-р Катерина Тодороска: Државен фалсификат за небиднина на државата

Колумна на Проф. д-р Катерина Тодороска: Државен фалсификат за небиднина на државата

од nenad
5 минути читај за

Многу често ми се случува да се соочам со бројни непријатности поради мојата јасно и гласно искажана загриженост за некоја појава, за која тврдам дека е крајно штетна по македонските државни интереси. И како што обично бидува, најомразени се оние кои ја зборуваат вистината, ама и на тоа навикнав.

Дниве, повторно горчина ми предизвикува еден државен фалсификат за кој, патем, многу гласно зборувам од 2019 година. Имено, тогаш бурно реагирав кога на децата родени во Република Македонија до 2018 година, во свидетелствата за завршено одделение им пишуваше дека се родени во Република Северна Македонија. За жал, ваквиот државен фалсификат очигледно ми пречеше само мене бидејќи посериозна реакција немаше на таквата историска лага. Но, како што ме обдарила природата со карактер кој секогаш сака да ја каже вистината, продолжив со бунтувањето и следните години. Зборував за тоа во емисиите со Љупчо Цветановски на АЛФА телевизија, пишував, реагирав на објавите на свидетелствата објавувани на ФБ. Очигледно, родителите и дедовците и бабите беа заслепени од блесокот на петките, па не успеаја да видат дека децата добиле државен фалсификат. Кога реагирав во училиштата, одговорот беше дека така е направена програмата во компјутерита за печатење на сведителства, а никој не праша кој порачал фалсификувана програма. И така со години не успеав да разберам зошто Министерството за образование и наука им дели свидетелства/дипломи на нашите деца кои, според мене,  имаа само една намена. Со перманентен државен фалсификат да се избрише времето и постоењето на една држава именувана како Република Македонија и со тоа да се создаде перцепција дека од секогаш оваа држава била Северна.

По години, од македонската Влада, на 22 август 2022 година, нѝ ги обзнанија т.н. Протоколи со Бугарија, првиот од 10 јуни 2019, а вториот од 17 јули 2022 година.

Во првиот Протокол, на најдрзок начин беше пренесен државниот фалсификат во неколку точки. На пример таму пишува дека:

„На ниво на претседатели – 16-17 февруари 2018 година – официјална посета на претседателот, Румен Радев, на Скопје, на покана на претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓи Иванов;

– 6 мај 2018 година – се одржа средба на претседателот, Руман Радев, со претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓи Иванов, во Дојран;

– 14-15 јуни 2018 година – официјална посета на претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓи Иванов, на покана на претседателот Румен Радев, на Софија;“.

Вакви примери има многу, но најдрастичен државен фалсификат е направен во текстот каде пишува за средбите:

„На ниво на премиери:

– 24 мај 2018 година – заедничка посета на Ватикан на премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов и премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по повод традиционалната аудиенција за Денот на бугарската просвета и култура и на словенската писменост – 24 мај“. (https://d1qv8oyeh4usdm.cloudfront.net/images/261f514e9ea24d439a18f47df5375b0f.pdf)

Доколку е јасно дека т.н. Преспански договор со Грција е потпишан на 17 јуни 2018 година, а неговата примена почна на 12 февруари 2019 година, многу е јасно дека текстот на Првиот протокол е чист државен фалсификат и како таков, историски гледано е ништовен.

Подлабоката анализа на државниот фалсификат со личните документи на сите граѓани на Република Македонија, независно кога се родени, каде им е прилепена додавката „Северна“,  покажува дека се работи за смислен атак врз македонската држава. Целта на таквиот атак е да се избрише периодот на самостојна и независна Република Македонија, што, според историските критериуми, претставува велепредавство направено од сите учесници во овој процес.

Прашањата кои произлегуваат од ваквиот антимакедонски чин се бројни, а во разговор со мој пријател се искристализираа неколку суштински:

Дали под плаштот на класифицирани информации беа ставени документи/анекси на меѓународни договори, од јавен интерес, кои директно го фалсификуваат идентитетот на македонскиот народ?

Кој ќе ја сноси одговорноста за поништувањето на историската вистина за точната држава во која се родени жителите на Република Македонија, со внесување на „Северна“ во нивните лични документи и документите за нивната наобразба?

Со оглед на тоа дека во кривичното право сѐ што е стекнато со вршење на кривично дело е ништавно, дали за меѓународна употреба се ништовни и овие документи?

И сигурно ве интересира што сега ме поттикна да ја оставам и оваа пишана трага за ова невидено и недозволиво кривично дело против македонската држава? Одговорот е една диплома која ја видов вчера, а која ја добил еден млад магистер на УКИМ. Колегата е роден во 1992 година, ама веројатно поради програмата во компјутерот, нему му пишува дека е роден во Република Северна Македонија, што претставува институционален фалсификат. Искрено се заблагодарувам на Петар Никола Антонов што ми дозволи да ја употребам дипломата за овој текст, бидејќи како човек со пристојна наобразба во историјата и нему му пречи државниот „северен“ фалсификат.

Она што не можам да го прифатам е фактот дека и деканот на Филозофскиот факултет и ректорот на УКИМ се потпишале на ваков фалсификат. Но, до програмата во компјутерот ќе да е.

Издавањето на фалсификувани документи е кривично дело со кое свесно се крши уставното уредување на македонската држава. Со оглед на досегашното искуство во „допирањето на гласот“ на заштитниците на Уставот, не очекувам тие да се потресат за ваквиот државен криминал. Но, затоа пак очекувам по промената на актуелните саможиви владетели во Македонија да дојдат вистински луѓе на вистински места кои ќе ги отворат сите анекси и други тајни документи кои се од животна важност за македонската држава. Воедно очекувам вистинските професионалци во струката да ги процесуираат сите фалсификатори во државава, како и од таквите да бидат наплатени средствата за промена на секое фалсификувано ливче во периодот од 2019 година до денес.

И да завршам. Целта на државните фалсификувани документи е да се избрише периодот на самостојна и независна Република Македонија, што, според историските критериуми, претставува велепредавство направено од сите учесници во овој процес. Чинам, редно е да прогледаме, макар и со пердето во очите, но без розевите очила и да го видиме државниот фалсификат за небиднина на Република Македонија.


Post Views:
165

Извор : vesnik-ilinden.com

Колумна на Проф. д-р Катерина Тодороска: Државен фалсификат за небиднина на државата