Владата, како што се наведува во соопштението испратено вечерва од Илинденска број 2, ѝ препорачала и на Агенцијата за цивилно воздухоповство (АЦВ) да продолжи со „започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата“.
„Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата“,се наведува во соопштението од Владата за донесените одлуки на денешната седница.
Инаку, главна тема на владината седница беа разрешувањата на двајцата директори во М-НАВ и предлозите за именување на нови, по минатонеделните случувања во оваа институција, каде осум лица, меѓу кои и претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири упаднаа во контролата за летање и нападнаа вработен.
Во соопштението од владината прес-служба не се наведува ништо во врска со првичната одлука на седницата, со која на местото на Фахрудин Хамиди за претседател на Управниот одбор на М-НАВ беше предложен Илир Мехмеди.
Откако стана јасно дека Мехмеди не ги исполнува условите за да биде именуван на оваа позиција, Владата излезе со нов предлог – Хекуран Асани.
Во соопштението се наведени куси биографии на Асани и на Костиќ, кои Владата ги предложи до Надзорниот одбор на М-НАВ да бидат именувани за претседател на Управниот одбор и извршен директор во воздухопловна навигација, односно за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника.
„Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање“, се наведува во кусата биографија на Асани.
Милан Кораќ на позицијата извршен директор за воздупловна техника во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во оваа институција.
„Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството“,се наведува во владиното соопштение.