– Ситуацијата на Блискиот Исток, кипарското прашање, економијата, енергетиката, миграцијата биле дел од темите на првиот Висок совет за соработка меѓу Грција и Кипар одржан во Атина, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис истакнаа дека двете земји се столбови на стабилност и безбедност во поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
На заедничката прес конференција по состанокот, Мицотакис се осврна на ситуацијата во Појасот Газа, изразувајќи загриженост за хуманитарната криза, ја повтори позицијата дека Израел има право на самоодбрана, а Хамас е терористичка организација и посочи дека ставот и на Атина и на Никозија е веднаш да се ослободат заложниците, без никакви услови.
-Сакам да му честитам на претседателот Христодулидис за неговата иницијатива, за барање поморски коридори за хуманитарна поддршка за Газа. Тоа е добро осмислена иницијатива.
Уште еднаш ја изразувам волјата на грчката Влада практично да учествува, доколку успееме да се справиме со технички тешкотии што секогаш се создаваат при една ваква иницијатива, а вистина е дека ги има доста.
И секако, не забораваме дека конечното решение може да биде само политичко решение, истакна Мицотакис.
Кипарскиот претседател рече дека „општата клима на нестабилност на Блискиот Исток директно влијае на Кипар и Грција“, поради географската близина, но и блиските односи со сите земји и му се заблагодари на грчкиот премиер за поддршката на иницијативата за создавање морски хуманитарен коридор.
-Кипар и Грција и ова е одлука што ја донесовме денес, не се дел од проблемот, Кипар и Грција, искористувајќи ги одличните односи со сите соседни држави, нивниот статус како земји- членки на Европската Унија, можеме – и тоа е токму она што се обидуваме да го направиме – да бидеме дел од решението, нудејќи решение, ефикасно да учествуваме во справувањето со сите предизвици што ќе се појават, рече Христодулидис.
Во однос на кипарското прашање, Мицотакис рече дека целта е одново да започнат преговорите во рамките на ОН, „бидејќи колку подолго трае сегашната ситуација, толку повеќе ќе се зголемува тензијата“, а паралелно посочи дека Грција продолжува со напорите за подобрување на односите со Турција, но и дека „напредокот на ова поле ќе биде и во корист и на кипарското прашање“.
ср/рп/Фото: Кабинет на грчкиот премиер .
Извор: МИА