Групата „Поддршка за онлајн настава “ испрати барање адресирано до ВЛАДА НА РСМ, МИНИСТЕР ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА, БИРО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, УНИЦЕФ, МЕЃАШИ, НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ, како и до медиумите во земјава за итно отпочнување со онлајн настава.
Во барањето од групата „Поддршка за онлајн настава “ се вели:-Како резултат на повеќемесечниот притисок врз учениците со низата дојави за поставени бомби во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, бараме веднаш (од понеделник 19.12.2022година) образовниот процес во Република Северна Македонија да продолжи со настава од далечина без исклучок.
Повеќе месеци децата како и нивните фамилии се експонирани на постојан страв, стрес и паника кој секојдневно зема се поголем замав.За жал мораме да констатираме дека образовниот процес во Република Северна Македонија е прекинат повеќе месеци, со што директно им се одзема уставно загарантираното право на образование на децата. Свесни сме дека целава состојба ги засега сите граѓани во Република Северна Македонија, НО ние мораме да ги заштитиме идните генерации и да изнајдеме оптимално решение а тоа во овој момент е само ОН ЛАЈН НАСТАВА.
Во соседството, поточно Република Србија и Црна Гора соочувајќи се со истиот вид на хибриден притисок (низа на дојави за поставени бомби) како кај нас, идните генерации ги заштитија исто така со воведување на он лајн настава со што образовниот процес е продолжен во континуитет.Оттука, сакаме да подвлечеме дека зад ова барање стојат луѓе и семјества кои се обединети кон една цел – здравјето, безбедноста и образованието на своите деца, без разлика на нивната етничка, религиозна, партиска и каква било друга припадност.