По 43 години од изградбата, најфреквентната улица во населбата Втори Реон, ул „Ванчо Прке“, доби нов асфалт.
Заврши асфалтирањето на улицата со што жителите на оваа населба во Делчево добија современа сообраќајница и современа патна инфраструктура и пристап до своите домови.
Улицата е реконструирана во должина од 223 метри, а изградени се и тротоари по должината на улицата.
Реконструкцијата на улицата беше приоритет за решавања и одговор на барањата на граѓаните од населбата Втори реон. Станува збор за најфреквентна улица во населбата која е со голем наклон, но беше и доста оштетена што директно влијае на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Со реконструкцијата се влијае на подобрување на безбедноста во сообраќајот на учесниците, како и квалитетот на живеење на населението од ромска, македонска и турска етничка заедница која живее на улицата и во овој дел од нaселбата.
Реконструкцијата на улицата е финансирана од комбинирани извори, преку Владата на РСМ и МТВ за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата на Ромите и Општина Делчево.
Вредноста на работите изнесува 2.712.867,00 денари со вклучен ДДВ. Владата на Република Северна Македонија го исплаќа износот од 1.428.074,00 денари, а Општина Делчево износот од 1.284.793,00 со вклучен ДДВ.
Работите ги изведуваше ЕУРО-БЕТОН ДООЕЛ извоз-увоз с.Град.
Инаку, на оваа улица претходно беше реконструирана водоводната мрежа при што беше заменета старата дотраена азбестна водоводна мрежа со нова пвц-инсталација.