Следната година е изборна година за Европската унија, така што до почетокот на 2025 година практично ќе се работи само на формирањето на новите институции. Имајќи го предвид овој факт, дилемите во дел од европските медиуми кои се актуелни деновиве, а секако ја тангираат и нашата земја, која, пак очекува јасни сигнали за отпочнување преговорите со Унијата доколку ги спроведе уставните измени дома, се дали изборната година во Унијата може дополнително да го искомпликува и одложи процесот на проширување за регионот.
Во таа насока најновото споменување на изборите како некаква кочница за проширување на Унијата се гледа како на уште едно алиби што се користи кон земјите-кандидатки за членство, меѓу кои и Македонија.
Дополнително на овој аспект предупреди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на Бледски стратешки форум, сугерирајќи дека од овие причини Европскиот совет во декември треба да донесе конкретни одлуки поединечно за секоја земја, врз основа на препораките на Европската комисија.
Пленковиќ на форумот во Словенија порача и дека билатералните проблеми кои не се поврзани со правната легислатива на ЕУ не смеат да бидат поврзани со процесот на проширување, а како пример за земја која трпи последици ја посочи РСМ.
„Сите билатерални прашања што не се формално, стриктно правно поврзани со легислативата на ЕУ, треба да бидат елиминирани од пристапниот процес. Тоа е единствениот пат напред и јас зборувам од искуство. Примерот со Северна Македонија е индикативен. Чекаа 15 години да се реши грчкото прашање, штом беше решено, сега имаме ново прашање. Тоа не е фер, тоа е штетно за имиџот на ЕУ, јас го велам тоа јавно и ќе продолжам да го кажувам“, рече Пленковиќ.
Притоа истакна дека не се согласува со пристапот кон ЕУ „во група“, пристап кој Хрватска успеала да го спречи при нејзиното придружување во Унијата.
„Да беше тој пристап на сила, ние немаше да бидеме членка десет години“, посочи Пленковиќ, потенцирајќи дека треба да се задржи концептот заснован на индивидуални достигнувања.
Во меѓувреме, ескпертите и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека пролонгирањето на проширувањето на ЕУ поради одржувањето избори се само изговор со кој се оправдува до некаде сегашната конфузна политика на Унијата кога станува збор за проширувањето на Балканот и за Македонија.
Сепак тие анализираат дека ако се следи оваа логика дека изборите во Унијата може дополнително да го закочи процесот на интеграција на регионот во ЕУ, тој не може никогаш да продолжи бидејќи секоја година во одредена европска држава се одржуваат избори, без разлика дали станува збор за локални, парламентарни или претседателски избори. Соговорниците се согласни дека процесот на проширувањето на ЕУ никогаш нема да сопре и покрај околностите во Унијата, она што е нужно според нив е земјите аспиранти да се свртат кон решавање на отворени прашања и домашните реформи.
Универзитетскиот професор Михал Вит мисли дека процесот на проширувањето на Унијата не е пред никаква сериозна криза.
– Земјите од Западен Балкан, а особено Македонија за исполнување на стратегиските цели, односно членство во ЕУ, многу вложија во изминативе години. Иако суштински нивото на функционирањето на Балканот не е на нивото на ЕУ, сепак мора да се констатира дека овој регион од Европа минува историски низ најтешкиот процес за членство. Тоа не беше така кога земјите од Балтикот или од Источна Европа беа примени во Унијата. Ниту тие не беа на нивото на тогашната ЕУ, ниту пак е возможно некој без да биде член да функционира како државите од Унијата. Она што е проблематично во овој контекст е што се добива впечаток во последните години дека Брисел нема цврст став за зачленувањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан – вели Вит.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека изборната година во ЕУ ќе има рефлексии врз политиките на проширување и реформирањето на Унијата, но во основа нашето прашање е дали тој процес ние ќе го дочекаме во фаза на започнати преговори или во чекалната пред влезот на ЕУ.
– Има два моменти кои би можеле да влијаат врз нашиот пат кон ЕУ. Едниот се темели на моите сознанија кои сум убеден дека ние немаме многу време. Дополнителна причина е што Брисел сега сака да и даде некаква персепктива и на Украина. Ако тоа се случи и Брисел отвори преговори со Украина, целата енергија на ЕУ која се однесува на проширувањето несомнено е дека ќе ја земе Украина – вели Арсовски.
Тој дополнува дека изборите во Европарламентот закажани за следната година сами по себе не значат промени во стратегијата на проширувањето. Но тие според Арсовски можат да придонесат дополнителни проблеми во надворешната политика на ЕУ, бидејќи според него во пораст се десноориентираните струи низ ЕУ што само по себе говори дека кога има такви десни политики Унијата честопати се затвора.