Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во вечерашното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“. Како можна опција, Јовановски го посочи штрајкот со глад, но како што рече, останува на превозниците да одлучат во која насока би се движела евентуалната радикализација на протестите.
Прашан како утрешниот протест на приватните превозници со кој ќе бидат блокирани повеќе улици во главниот град нема да го загрози правото на слобода на движење на граѓаните, Јовановски порача дека протестите изминатите денови не вродиле со плод и затоа е донесена одлука за блокада на повеќе крстосници во Скопје. „Протестиравме на ‘Илинденска’, протестиравме пред градското собрание, протестиравме и пред ‘Мавровка’. Никој ништо не реагира и нема резултат. Рековме дека ќе се радикализираат протестите. Утре приватните превозници решија да ги прошират протестите и на тој начин. Ако некој нив и натаму не им верува, а ѝ верува на градоначалничката на сите невистини коишто ги зборува, нека дојдат да ги видат. Следниот чекор ќе биде да си ги изнесат жените и децата и тие ќе покажат дека немаат што да јадат“, рече Јовановски и додаде дека ова е прв протест по 1999 година во кој приватните превозници мораат да излезат на улица и да протестираат поради, како што кажа, неможноста да го објасната проблемот меѓу ЈСП, Градот и превозниците.
Утре во Скопје посебен сообраќаен режим од рано наутро, приватните превозници повторно ќе протестираат Во однос на последната изјава на директорот на ЈСП, Александар Стојковски, кој потврди оти претпријатието им должи на приватните превозници, но дека долгот е наследен од неговите претходници, Јовановски од „Слобода превоз“ вели дека на овој начин кој и да дојде на чело на ЈСП вината ќе ја префрла на претходниците и нема да го признава долгот кон приватниците.
„И сега испаѓа дека тие може да си менуваат директори и како кој ќе дојде нема да го признаваат долгот на претходниот, а приватните превозници ќе останат, еве сега веќе четири месеци без приход. Како очекуваат и граѓаните приватните превозници да сервисираат ако немаат пари ни за нафта? Четири месеци возачите немаат земено плата. Некој што е избран да се грижи за граѓаните тој треба да преземе нешто. Овде од позиција на градоначалник се покажува одредена моќ и задоволување на некои лични суети коишто се генерираат на сите нас“,додава тој. Јовановски додава дека договорот на „Слобода превоз“ се уште не е раскинат со Град Скопје оти се уте не добиле официјално известување за тоа. Јавниот повик кој го најави Град Скопје, а на кој ќе може да се пријават сите приватни превозници кои сакаат да вршат превоз во главниот град, Јовановски вели дека е во спротивност со низа закони, и како што рече, смета дека ќе пропадне.