Table of Contents
Дознајте како да направите вкусни крекери, мини-сендвичи и кошнички со туна
Од неколку конзерви туна и состојки што веројатно веќе ги имате во кујната, можете да направите три различни предјадења. Киселите краставички ѝ даваат свежина на кремливата салата, руколата и маслинките одлично одат со туна во доматен сос, а пченката и лимоновиот сок даваат сладок и освежителен вкус.
Филовите можете да ги приготвите однапред и да ги чувате во фрижидер. Крекерите и кошничките наполнете ги непосредно пред послужување за да останат крцкави.
Крекери со туна и зеленчук
Состојки:
- 1 пакување мешавина за руска салата
- 1 конзерва туна
- 5 лажици посен мајонез
- 3-4 кисели краставички
- посни крекери по избор
- магдонос или крукчиња кисели краставички за украсување, по желба
Приготвување:
Сварете го зеленчукот според упатствата на пакувањето, добро исцедете го и оставете да се олади. Додајте исцедена туна и ситно сечкани кисели краставички, па додајте посен мајонез. На секој крекер ставете по лажиче од салатата. По желба, украсете со ливчиња магдонос или тенки крукчиња кисели краставички.
Мини-сендвичи со туна во доматен сос
Поврзани објави
Состојки:
- 1-2 конзерви туна во доматен сос
- 6-8 парчиња посен леб за тост
- неколку листови рукола
- маслинки по вкус
- шери-домати за украсување
Приготвување:
Потпечете ги парчињата леб за да бидат доволно цврсти. Исцедете го вишокот сос од конзервата, па распоредете ја туната по половинка парче тост. Одозгора ставете рукола и сечкани маслинки, па поклопете со другата половинка. Секој сендвич пресечете го на четири триаголничиња. На врвот на чепкалка прицврстете половинка шери-домат, за полесно да се земаат залачињата од послужавникот.
Посни кошнички со туна и пченка
Состојки:
- 2 конзерви туна во масло или во сопствен сок
- 1 мала конзерва пченка
- 6 лажици посен мајонез
- 2 кисели краставички
- малку лимонов сок
- сол и бибер по вкус
- посни солени кошнички
Приготвување:
Добро исцедете ги туната и пченката, па измешајте ги со ситно сечкани краставички. Додајте посен мајонез и малку лимонов сок, промешајте и пробајте пред да додадете сол и бибер. Наполнете ги кошничките пред да ги послужите. Ако ги немате при рака, можете да ја послужите салатата во чинија со потпечен леб.