Добриот сон може да помогне во зачувувањето на здравјето на мозокот и менталните способности кај лицата со дијабетес тип 2, срцеви заболувања или прележан мозочен удар, покажува ново истражување.
Квалитетниот сон има важна улога во здравјето на мозокот, особено кај луѓето кои имаат дијабетес тип 2, срцеви заболувања или прележале мозочен удар. Ново истражување покажува дека лицата со овие здравствени состојби кои спијат добро постигнуваат подобри резултати на задачите што бараат брзо размислување и логичко расудување.
Научниците анализирале податоци од речиси 409.000 возрасни лица, од кои повеќе од 50.000 имале барем една од наведените здравствени состојби. Ги испитувале времетраењето на спиењето, проблемите со несоница, ‘рчењето и дневниот замор, а анализирале и снимки од мозокот на повеќе од 34.000 учесници.
Резултатите покажале дека луѓето кои спијат поквалитетно биле поуспешни на тестовите за размислување, расудување и брзина на обработка на информации. Кај нив бил забележан и поголем вкупен волумен на мозокот. Иако истражувањето не докажува дека добриот сон е директната причина за овие резултати, научниците сметаат дека здравите навики за спиење може да придонесат за зачувување на менталните способности.
Психијатарот Алекс Димитриу објаснува дека за време на спиењето мозокот се ослободува од отпадните материи што се насобираат во текот на денот. Квалитетниот сон може да помогне и во намалувањето на воспалителните процеси во организмот.
Поврзани објави
Кардиологот Амит Блумфилд посочува дека лошиот сон може да го отежне отстранувањето на одредени штетни материи од мозокот. Дополнително, неквалитетното спиење е поврзано со висок крвен притисок, дијабетес и воспаленија, состојби кои можат да придонесат за слабеење на когнитивните способности.
За подобар сон, лекарите советуваат спалната соба да биде што потемна, со помош на затемнети завеси или маска за очи. Препорачуваат и послабо осветлување во вечерните часови, како и помалку време пред екраните непосредно пред легнување. Важно е да не се занемаруваат ниту проблемите како несоница, синдром на немирни нозе и апнеја при спиење, односно привремени прекини на дишењето во текот на ноќта. Нивното навремено лекување може значително да го подобри квалитетот на сонот.
Лекарите потсетуваат дека добриот сон е подеднакво важен дел од грижата за здравјето како урамнотежената исхрана и редовната физичка активност. Дури и малите промени во вечерните навики можат да помогнат за подобар одмор и долгорочно зачувување на здравјето.
Фото: pexels