Прочитајте како Џон Пол Гети Трети преживеал 158 дена заробеништво
Во јули 1973 година, италијански мафијаши го киднапирале 16-годишниот внук на најбогатиот човек на светот, а потоа откриле дека тој бил единствениот член на семејството за кого никој не сакал да плати откуп.
Џон Пол Гети Трети бил киднапиран од плоштадот Пјаца Фарнезе во Рим на 10 јули околу 3 часот наутро: киднаперите биле луѓе поврзани со „Ндрангетa“, калабриска мафија. Барале 17 милиони долари.
На почетокот никој не верувал во тоа. Пол бил познат во градот по своето однесување, а претходно дури и се шегувал дека би можел да го исценира сопственото киднапирање за да извлече пари од семејството. Италијанската полиција ја сметала за измама првата порака со барање за откуп.
Неговиот дедо, Џ. Пол Гети, категорички одбил да плати. Неговото образложение, кое го изнел јавно, било дека имал уште 14 внучиња и дека плаќањето макар и едно пени, би значело уште 14 нови киднапирања.
Па затоа, во октомври му го отсекле десното уво на Пол и заедно со прамен од неговата коса, го испратиле до еден римски медиум.
Пратката требала да пристигне за неколку дена, но поради штрајк на италијанската пошта, доцнела со недели. Кога пратката конечно била пронајдена во ноември, раната веќе била инфицирана, а Пол добил воспаление на белите дробови.
Во пораката пишувало дека ова е првото уво на Пол и доколку семејството и понатаму мисли дека станува збор за шега, ќе следи и другото. Гети започнал со преговори. На крајот, се согласил на износ од околу 3 милиони долари, при што тој лично платил 2,2 милиони – износ за кој неговите сметководители пресметале дека претставува максимумот што може да се признае како даночно ослободување. Не сакал да ги плати преостанатите 800.000 долари. Тој износ му го позајмил на својот син, таткото на Пол, со камата од 4 отсто.
На 15 декември 1973 година, по 158 дена заробеништво, Пол бил пронајден на една бензинска пумпа во близина на Лаурија, во јужна Италија, каде што треперел на дождот. По предлог од мајка му, му се јавил на дедо му на телефон за да му се заблагодари за плаќањето на откупот. Старецот одбил да го прими повикот.
Биле уапсени 9 лица. Само двајца биле осудени. Шефовите на „Ндрангетa“ биле ослободени од обвинувањето поради недостигот од докази, а поголемиот дел од парите никогаш не биле пронајдени.
Хирурзи во 1977 година го реконструирале увото на Пол. Во 1981 година, комбинацијата на валиум, метадон и алкохол му предизвикала мозочен удар, по што останал парализиран, речиси слеп и не можел да зборува. Така живеел 30 години, додека семејството се грижело за него, а починал во февруари 2011 година, на 54-годишна возраст.
ФОТО: Принтскрин Јутјуб, Инстаграм