Почетна ЕкономијаМицотакис предупредува: Не може да има силна Европа со слаб европски буџет

Мицотакис предупредува: Не може да има силна Европа со слаб европски буџет

од nenad
1 минути читај за

Конечниот компромис треба да ја гарантира инвестициската способност на Унијата, да ги заштити политиката на кохезија и Заедничката земјоделска политика и да не оптоварува непропорционално одредени земји-членки, информираа од кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за неговото учество на вонредниот дводневен Самит на ЕУ во Брисел за повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2028-2034 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на Мицотакис посочија дека Грција ги препознава напорите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да ги приближи дијаметрално спротивните ставови на земјите-членки, со цел да се постигне договор и Атина, на разговорите им пристапува со конструктивен став.

– Сепак, не се согласува со буџет што ги ослабува колективните европски инвестициски можности и ја става во втор план политиката на кохезија. Грција се залага за буџет соодветен на европските амбиции, со солидарност, безбедност и кохезија. Европа не може да бара повеќе од себе, а истовремено да избира да инвестира помалку. Не може да постои силна Европа со слаб европски буџет. Атина смета дека во новиот предлог за преговори се вклучени и прифатени многу од грчките ставови. Сепак, се очекува премиерот да истакне дека нема да се толерираат дополнителни кратења на средствата за политиката на кохезија и заедничката земјоделска политика, посочија од кабинетот на Мицотакис.

Додадоа дека е потребен вистински европски буџет, со амбициозни цели и доволно финансиски средства, бидејќи „Европа е пред големи предизвици во конкурентноста, кохезијата, безбедноста и стратешката автономија“.

– Не можеме, од една страна, да ја признаваме потребата од повеќе инвестиции, како што се нагласува и во извештајот на Драги, а од друга страна, да стигнуваме до буџет што ги ограничува расположливите можности на Унијата. Грчкиот позиција е јасна: нема простор за дополнителни кратења во една, и онака, ограничената финансиска рамка, објаснија од кабинетот на грчкиот премиер.
Извор: МИА