Првото археолошко ископување за студентката Елиз Залу се претворило во откритие за паметење. Уште на првиот ден од теренската работа, таа пронашла дел од златен синџир од римскиот период, кој речиси две илјади години бил скриен под земја.
Вредниот предмет бил откриен во Редесдејл, во англиската област Нортамберленд, за време на истражувањата во летото 2026 година. Универзитетот во Њукасл ги објави деталите за наодот на 18 ноември.
Синџирот е долг околу седум сантиметри и е извонредно зачуван. Според истражувачите, доколку бил целосен, сè уште би можел да се носи.
Златен накит со посебна техника на изработка
Предметот бил направен со испреплетување на мали метални алки, техника што барала голема прецизност и вештина. Слични синџири во римско време се користеле како накит или украсни предмети поврзани со повисок општествен статус.
Засега не е познато кому му припаѓал пронајдениот дел од синџирот.
Археологот Ерик Турињи од Универзитетот во Њукасл истакнал дека пронаоѓањето златен предмет е реткост дури и за искусните археолози, а уште поневообичаено е тоа да му се случи на студент на првиот ден од ископувањето.
Пронајдени и други римски артефакти
Во истражувањето учествувале 52 студенти, поделени во две групи, кои работеле по две недели заедно со археолози и волонтери.
Покрај златниот синџир, биле откриени и други интересни предмети. Студентката Шенон Вуд пронашла свиткано парче олово со латински натпис, за кое се претпоставува дека можеби било поврзано со трговија, сопственост или даноци.
Откриен бил и украсен дел од римска воена опрема со траги од позлата, како и мал камен од карнеол со претстава на римскиот бог Јупитер. Ваквите камења често биле вградувани во прстени и користени како лични печати.
Археолозите пронашле и монети, керамика, врвови од копја и предмети од секојдневниот живот.
Целта на истражувањето во Редесдејл е подобро да се разбере животот покрај северната граница на Римската Империја. Освен војниците, во овој регион живееле и семејства, трговци и занаетчии, а новите наоди откриваат сè повеќе детали за нивното секојдневие.