Казни затвор до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за корупција при јавни набавки, концесии и јавно-приватни партнерства, предвидува новиот Кривичен законик, чиј предлог денеска беше презентиран на јавна расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека по речиси 30 години е потребен целосно нов закон, кој ќе одговори на современите форми на криминал, корупција, финансиски злоупотреби и сајбер-криминал.
Според него, целта е воспоставување поефикасен и европски усогласен казненоправен систем, со посилна правна сигурност и поголема одговорност за злоупотребите на јавните функции и средства.
Академик Владо Камбовски најави дека ќе се воведе посебно кривично дело за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства. Предвидено е и прецизирање на злоупотребата на службената должност, како и нови кривични дела поврзани со заштитата на животната средина и природата.
Ќе се прецизира и дефиницијата за службено лице, со цел да се направи разлика меѓу одговорноста на лицата на технички позиции и злоупотребите од страна на раководните функционери.
Камбовски посочи дека по усвојувањето на законот ќе биде потребен преоден период од шест месеци до една година за подготовка и усогласување на другите прописи. Се разгледуваат и измени поврзани со роковите за застарување и конфискацијата на имот со сомнително потекло.
Претставниците на граѓанските организации, сепак, изразија забелешки за предложените решенија. Тие сметаат дека времето за анализа на обемниот закон е прекратко и предупредуваат дека одредени формулации би можеле да го ограничат опфатот на кривичните дела поврзани со корупцијата и јавните набавки.
Предлог-законот ќе биде предмет на дополнителни јавни расправи, а треба да добие и мислење од Европската комисија. Според планираните рокови, неговото усвојување е предвидено до декември 2026 година.