Table of Contents
Дознајте сè за тороне – италијански десерт кој се приготвува од мед, белки и разни јаткасти плодови
Тороне (Torrone) е традиционален италијански десерт кој освојува со богатиот вкус на мед, карамела и внимателно одбрани јаткасти плодови. Според легендата, неговото потекло датира од далечната 1441 година, кога наводно бил направен во чест на венчавката на Бјанка Марија Висконти и Франческо Сфорца. Овој сладок специјалитет, кој по изглед потсетува на тврди карамел-бонбони, со текот на времето станал еден од препознатливите симболи на италијанската слаткарска традиција.
Комбинацијата од сладок мед, пенесто изматени белки и крцкави бадеми, ф’стаци или лешници му дава на торонето специфична текстура и богат, ароматичен вкус. Иако на прв поглед изгледа како десерт чија подготовка бара многу вештина, всушност не се потребни многу состојки, туку пред сè малку трпение и внимание при варењето на шеќерната смеса.
Овој традиционален италијански специјалитет е идеален за свечени пригоди, празници или моменти кога сакате да подготвите нешто поинакво и посебно. А според една легенда, жените го подготвувале за мажите што сакале да ги заведат!
Состојки:
- 350 г кафеав шеќер
- 450 г мед
- 100 мл вода
- 1 лажица гликоза
- 2 белки
- околу 500 г бадеми, ф’стаци, лешници или други јаткасти плодови
- прстофат сол
- малку шеќер во прав или скроб за подготовка на подлогата
Приготвување:
Распоредете ги јаткастите плодови во плех и кратко потпечете ги во загреана рерна на 160 °Ц, 8–10 минути, додека почнат да ја испуштаат својата арома и малку заруменат. Извадете ги од рерна и оставете ги да се изладат. Бадемите можете да ги оставите цели или да ги исечкате покрупно, во зависност од текстурата што сакате да ја постигнете.
Во тенџере со подебело дно ставете ги медот, кафеавиот шеќер, водата и гликозата. Добро измешајте ги состојките и загревајте ги на умерена температура додека шеќерот целосно се растопи. Продолжете со варењето додека смесата достигне температура од околу 140 °Ц. За попрецизно одредување на температурата најдобро е да користите кујнски термометар, бидејќи правилно подготвената шеќерна смеса е клучна за конечната текстура на торонето.
Поврзани објави
Додека се варат медот и шеќерот, ставете ги белките во целосно чист и сув сад. Додајте прстофат сол и матете со миксер додека добиете цврст и сјаен снег што ја задржува формата. Белките се важни за карактеристичната структура на торонето, бидејќи му даваат цврстина и истовремено лесна, воздушеста текстура.
Кога шеќерната смеса ќе ја достигне посакуваната температура, внимателно тргнете ја од ринглата. Со постојано матење со миксер, додавајте ја врелата смеса во тенок млаз во изматените белки. Внимавајте да ја сипувате полека и да не дојде во допир со маталките или рабовите на садот, бидејќи е исклучително жешка. Продолжете со матење уште 8–10 минути, односно додека смесата се згусне, стане сјајна и почне да се лади.
Во подготвената смеса постепено додавајте ги претходно потпечените бадеми, ф’стаци, лешници или комбинација од различни јаткасти плодови. Внимателно промешајте со цврста шпатула или дрвена лажица за да се распоредат рамномерно низ целата смеса.
Обложете плех или соодветен правоаголен калап со хартија за печење. Посипете ја хартијата со тенок слој шеќер во прав или скроб, а потоа распоредете ја подготвената смеса. Со помош на шпатула обликувајте правоаголник со посакуваната дебелина. По потреба, покријте ја смесата со уште еден лист хартија за печење и нежно израмнете ја површината.
Оставете го обликуваното тороне на ладно и суво место најмалку 8–12 часа, односно преку ноќ, за целосно да се стегне. Кога ќе добие цврста структура, внимателно извадете го од калапот и отстранете ја хартијата за печење.
Изладеното тороне исечете го со остар нож на помали правоаголни парчиња или тенки резанки. Послужете го со кафе или чај, или како сладок залак по оброкот. Можете да го завиткате и во украсна хартија и да го подарите како оригинален домашен подарок.
Мал трик за уште повкусно тороне
За побогат вкус, комбинирајте бадеми и ф’стаци, а по желба додајте и неколку лешници. Јаткастите плодови задолжително потпечете ги пред да ги додадете во смесата, бидејќи така нивната арома ќе биде поизразена.
За помеко тороне, шеќерната смеса може да се вари до малку пониска температура, додека температурата од околу 140 °C ќе даде поцврста текстура. Важно е и готовиот десерт да го чувате во добро затворена кутија, на суво место, за да не ја впие влагата и да ја задржи својата карактеристична цврстина.