Граѓаните до крајот на 2026 година ги очекува уште еден државен празник кој ќе биде неработен за сите. Станува збор за 8 декември, вторник, кога се чествува Свети Климент Охридски. Со овој датум завршува календарот на општи неработни денови за тековната година.
Веќе е познат и распоредот на државните празници за 2027 година. Според Законот за празниците, следната година се предвидени десет неработни денови за сите граѓани, а пет од нив ќе овозможат спојување со викендите и подолг одмор.
Во календарот за 2027 година се опфатени следните датуми:
- 1 јануари (петок) – Нова година
- 7 јануари (четврток) – Божик
- 9 март (вторник) – Прв ден на Рамазан Бајрам
- 3 мај (понеделник) – Втор ден на Велигден
- 24 мај (понеделник) – Св. Кирил и Методиј
- 2 август (понеделник) – Илинден
- 8 септември (среда) – Ден на независноста
- 11 октомври (понеделник) – Ден на народното востание
- 23 октомври (сабота) – Ден на македонската револуционерна борба
- 8 декември (среда) – Св. Климент Охридски
Пет празнични периоди ќе донесат можност за продолжен викенд. Првиот ќе биде за Нова година, кога слободни ќе бидат деновите од 1 до 3 јануари. Велигденските празници ќе овозможат одмор од 30 април до 3 мај, вклучувајќи го и Велики петок за православните верници.
Подолг викенд ќе има и за празникот Св. Кирил и Методиј, од 22 до 24 мај, како и за Илинден, од 31 јули до 2 август. Петтиот продолжен викенд е предвиден за Денот на народното востание, од 9 до 11 октомври.
Покрај празниците што важат за сите граѓани, во текот на 2027 година ќе има и дополнителни неработни денови за припадниците на верските и етничките заедници.
Меѓу нив се Бадник, Водици, католичкиот Велигден и Божик, Курбан Бајрам, Свети Сава, Меѓународниот ден на Ромите, Денот на албанската азбука, Националниот ден на Власите, Меѓународниот ден на Бошњаците, Јом Кипур и Денот на наставата на турски јазик.
Граѓаните кои планираат патувања и одмори во следната година треба навреме да ги имаат предвид празничните датуми и да ја следат официјалната програма на неработни денови што ќе ја објават надлежните институции.