Во одговор на прес-конференцијата на СДСМ, Министерството за образование и наука (МОН) истакнува дека систематски го има решено прашањето за набавка и дистрибуција на учебници, кои се отпечатени и доставени до сите училишта.
„Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците.“
Од МОН додаваат дека сега, кога состојбата е надмината, оваа политичка партија, чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени. “Не им успева, бидејќи учебници има.”
„Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан“, се вели во одговорот на МОН. Сегашното раководство, потенцираат од МОН, системски го разреши овој предизвик од минатото, со ново законско решение, во чија подготовка учествуваа сите релевантни чинители, како и со активен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Сите претходно одобрени учебници по сите предмети се испечатени. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија.
„Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“, потенцираат од МОН.
Обновата на наставните програми и на учебниците, како што наведуваат од Министерството, ќе продолжи и во идниот период, затоа што тие се темелот на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“, се вели во реакцијата на Министерство за образование и наука.