Почетна ЕкономијаНаводен хакерски напад врз ЦИА: Компромитирани податоци во мрежа на американските разузнавачки служби

Наводен хакерски напад врз ЦИА: Компромитирани податоци во мрежа на американските разузнавачки служби

од nenad
1 минути читај за

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) се соочува со наводен безбедносен пробив во информатичките системи што ги користи заедно со други разузнавачки институции во САД.

Според информации на „Њујорк тајмс“, кои ги пренесува „Ројтерс“, нападот бил откриен во мрежа што ја користат ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ).

Системот служи за собирање и анализа на јавно достапни информации за разузнавачки потреби. При пробивот биле изложени дел од некласифицираните податоци, а постои можност последиците да опфатиле и други американски владини институции.

Од ОДНИ соопштиле дека инцидентот не влијаел врз критичните оперативни капацитети, ниту врз системите во кои се чуваат класифицирани информации. ЦИА засега не излегла со официјален коментар.

Случајот се случува во период на зголемена загриженост за сајбер-безбедноста на американските институции. Неодамна беа објавени информации и за можен упад во Националниот информативен центар за криминал на ФБИ, додека претходно биле регистрирани и технички проблеми со класифицираната комуникациска мрежа на Агенцијата за национална безбедност (НСА).

Засега нема потврда дека овие настани се поврзани или дека станува збор за координирани напади врз американските безбедносни служби.

Не се откриени ниту идентитетот на хакерите, ниту целосниот обем на компромитираните информации. Останува непознато и дали зад инцидентот стојат странски разузнавачки структури.