Table of Contents
Речиси половина од возрасното население во Македонија се пушачи, а навиката станува сè пораспространета и покрај здравствените и финансиските последици. Просечниот пушач месечно троши околу 4.800 денари за цигари, односно повеќе од 600 евра годишно, покажува истражување презентирано на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“.
Истражувањето е спроведено на 1.065 возрасни испитаници од тинк-тенкот „Аналитика“, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).
Според резултатите, процентот на секојдневни пушачи пораснал од 43 на 48,1 отсто. Доколку во пресметката се вклучат и електронските цигари, загреаниот тутун и другите никотински производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти.
Загрижува и интензитетот на пушењето. Речиси секој четврти пушач консумира повеќе од 20 цигари дневно, додека околу 40 проценти пушат меѓу 10 и 20 цигари на ден.
Повеќе од 600 евра годишно завршуваат за цигари
Пушењето не претставува само здравствен ризик, туку и значителен финансиски товар за домаќинствата. Просечната месечна потрошувачка од околу 4.800 денари значи дека еден пушач годишно троши повеќе од 600 евра за цигари.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека овој износ е повисок од сумата што осигурениците годишно ја издвојуваат за здравствено осигурување.
„Значи, ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари. Мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето отколку што издвојува за да го заштити здравјето“, изјави Клековски.
Според него, потребен е поширок општествен договор околу забраната за пушење во затворени простории и спречувањето на продажбата на тутунски производи на лица помлади од 18 години.
Секое шесто малолетно лице користи тутунски производи
Особено загрижувачки се податоците за младите. Истражувањето покажало дека 17 проценти од малолетниците користат класични цигари или производи со загреан тутун.
Клековски предупреди дека контролата на продажбата на цигари на малолетници мора да биде еден од приоритетите. Според извештаите што ги посочи, повеќе од две третини од малолетниците кои се обиделе да купат цигари не биле одбиени.
Министерот најави дека по усвојувањето на новиот закон за заштита од пушење ќе се посвети посебно внимание на контролите кај трговците и почитувањето на забраната за продажба на тутунски производи на лица под 18 години.
На проблемот со достапноста на цигарите се осврна и д-р Аким Али, шеф на канцеларијата и специјален претставник на СЗО, кој смета дека повисоките цени се една од мерките за намалување на употребата, особено меѓу младите.
Тој нагласи дека непушачите мора да бидат заштитени од изложеност на чадот од цигари, а пушењето не треба да се третира како обичен животен избор, туку како зависност.
Али изрази загриженост и поради пушењето во близина на училиштата, каде што, како што рече, забележува и ученици и наставници кои пушат пред образовните установи.
Повисоките цени ги мотивираат пушачите да се откажат
Истражувањето покажува дека финансискиот фактор има значително влијание врз одлуката за прекинување на пушењето. Кај 47,3 проценти од пушачите кои се обиделе да се откажат, главен мотив била цената на цигарите.
Сепак, и покрај поскапувањата, тутунските производи станале 17,3 проценти подостапни во споредба со просечната плата. Причината е што приходите растеле побрзо од цените на цигарите.
Дополнителен проблем е непочитувањето на забраните за пушење. Дури 62 проценти од анкетираните забележале луѓе кои пушат во ресторани и кафулиња, што укажува на потребата од поефикасни контроли и доследно спроведување на законските ограничувања.
Новиот закон за пушење сè уште чека во Собранието
Предлог-законот за заштита од пушење, со кој се предвидуваат построги правила за употребата и рекламирањето на тутунските производи, сè уште се наоѓа во собраниска процедура.
Министерот Клековски информираше дека законското решение се разгледува на комисиско ниво и дека побарал постапката да добие приоритет. По неговото усвојување ќе следуваат подготовките за примена, вклучително и обуки за инспекциските служби.
„Мислам дека поголем проблем ќе биде пушењето во канцелариите отколку во рестораните“, изјави Клековски.
Тој ја спомена и можноста дел од средствата собрани преку акцизите на тутунските производи да се пренасочуваат кон здравствениот фонд. На тој начин, приходите од производи што предизвикуваат здравствени последици би можеле да се користат за финансирање на лекувањето.