Почетна ЕкономијаЕУ ги затвора вратите за пластичниот отпад кон Македонија, забраната ќе важи најмалку до 2029 година

ЕУ ги затвора вратите за пластичниот отпад кон Македонија, забраната ќе важи најмалку до 2029 година

од nenad
2 минути читај за

Македонија од денеска повеќе нема да може да прима пластичен отпад извезен од земјите членки на Европската Унија. Новата европска регулатива стапува во сила на 21 ноември и предвидува целосна забрана за испраќање пластичен отпад во држави што не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Ограничувањето не се однесува само на опасниот отпад, туку и на чистата пластика што досега се извезувала за рециклирање и понатамошна преработка. Забраната ќе биде во сила најмалку до 21 мај 2029 година.

Со оваа промена, компаниите од Европската Унија ќе го загубат досегашниот пристап до македонските капацитети за преработка на пластика, без оглед на тоа дали станува збор за отпад што може повторно да се искористи.

Колкава е досегашната размена покажуваат податоците на Светската банка. Во текот на 2024 година, земјите од ЕУ пријавиле испорака на вкупно 323,5 тони пластичен отпад во Македонија, чија вредност се проценува на околу 46.400 долари. Најголем дел од евидентираните количини пристигнале од Хрватска и Грција. За 2026 година сè уште нема достапни податоци што би покажале колкав бил обемот на ваквата трговија.

Европските институции ја образложуваат одлуката со потребата од намалување на загадувањето и спречување на ризиците по животната средина и здравјето на населението во земјите што досега примале отпад од ЕУ.

„Еден од нашите приоритети е да го запреме загадувањето со пластика“, изјави европската комесарка за животна средина Џесика Росвал, посочувајќи ја и потребата од меѓународен договор за справување со проблемот со пластичниот отпад.

Македонија претходно доставила барање до Европската комисија за можност да продолжи да увезува одредени видови неопасен отпад, вклучително хартија, стакло, метали и органски материјали. Пластичниот отпад не бил вклучен во ова барање.

За другите категории отпад, од мај 2027 година ќе почнат да се применуваат дополнителни ограничувања, но ќе постои можност за добивање посебни дозволи во определени случаи.

Можноста за повторно отворање на европскиот пазар за пластичен отпад ќе биде разгледана дури по 21 мај 2029 година. Македонија тогаш ќе може да поднесе барање за укинување на забраната, но ќе мора да докаже дека има соодветна инфраструктура и капацитети за безбедно управување и третман на увезениот материјал. Дури и во тој случај, дозволата нема да следува автоматски.

Важно е да се напомене дека новата европска мерка се однесува исклучиво на извозот од земјите на ЕУ. Таа не претставува општа забрана за увоз на пластичен отпад во Македонија од други држави во светот.