Американскиот претседател Доналд Трамп најави високи даноци за американските компании што градат центри за податоци во странство.
„Нема да дозволиме нашите компании да градат центри за податоци надвор од нашата земја“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа по враќањето од азиската турнеја, најавувајќи воведување „голем данок“ за компаниите што градат такви центри во странство.
Трамп рече дека мерката има за цел зајакнување на конкурентноста на американскиот сектор за вештачка интелигенција во однос на Кина, но не даде детали за спроведувањето.
Центрите за податоци се клучни за развојот на вештачката интелигенција, бидејќи тие обезбедуваат компјутерски капацитети потребни за развој и работа на сѐ посложени системи. Воведувањето дополнителни даноци би можело да го попречи глобалното проширување на таквата инфраструктура.
Неколку големи американски компании, вклучувајќи ги Equinix и Digital Realty, градат и управуваат со центри за податоци во други земји.
Таквите центри често се градат блиску до корисниците со цел да се намалат доцнењата во обработката на податоци. Пренесувањето големи количини податоци на долги растојанија може значително да ги зголеми трошоците.
Извор: МИА