Премногу топлата просторија и дебелите слоеви облека можат да бидат опасни за најмалите. Експертите советуваат на која температура треба да спијат бебињата и како да препознаете дека им е премногу топло.
Во текот на зимските месеци, родителите често имаат потреба дополнително да ги затоплат своите бебиња, особено во текот на ноќта. Сепак, премногу облека, дебели прекривки и висока температура во просторијата можат да направат повеќе штета отколку корист.
Британската Национална здравствена служба (NHS) предупредува дека бебињата сè уште немаат целосно развиена способност за регулирање на телесната температура, поради што лесно може да дојде до прегревање. Тоа се поврзува и со зголемен ризик од синдром на ненадејна смрт кај доенчињата.
Според препораките, идеалната температура во просторијата во која спие бебето треба да биде меѓу 16 и 20 степени Целзиусови. Креветчето не треба да биде поставено непосредно до радијатор, греалка или печка, а не се препорачува користење електрични ќебиња и термофори.
Поврзани објави
За спиење најчесто е доволна пижама или комбинезон во комбинација со соодветна вреќа за спиење. Доколку се користат прекривки, тие треба да бидат лесни и проветрени. Американската академија за педијатрија советува во креветчето да нема перници, јоргани, дебели ќебиња и други предмети што можат да го зголемат ризикот од задушување.
Во текот на денот важи правилото бебето да носи еден слој облека повеќе од возрасните. Но, при влегување во затоплен простор, автомобил или автобус, задолжително треба да се отстранат капата и вишокот облека.
Како да препознаете дека на бебето му е премногу топло? Проверете го неговиот стомак. Доколку е невообичаено топол или бебето се поти, потребно е да отстраните еден слој облека. Студените дланки и стапала, пак, не мора да значат дека на бебето му е ладно.
pexels