Научете како правилно да ги виткате и редите сармичките за најдобар вкус
Иако сармата е едно од омилените традиционални јадења, нејзината подготовка понекогаш им задава главоболки дури и на најискусните домаќинки. Еден од најчестите проблеми е тоа што сармите се одвиткуваат и се распаѓаат за време на готвењето, па наместо убаво обликувани сарми, во тенџерето настанува вистински хаос.
Сепак, со неколку едноставни чекори и правилна техника на виткање, лесно можете да го избегнете овој проблем. Еве како да ги завиткате сармите за да останат цврсти и убаво обликувани во текот на целото готвење.
Уметноста на редење сарми во тенџере
Исплакнете ги листовите кисела зелка и отстранете го тврдиот дел од коренот. На едниот крај ставете од филот со мелено месо, завиткајте го листот, а потоа со прстите вовлечете ги страничните краеви навнатре. На овој начин сармите нема да се распаѓаат за време на готвењето и ќе изгледаат совршено кога ќе ги послужите.
И редењето сарми во тенџерето е вистинска мала вештина. На дното од садот се ставаат три-четири листа неискористена кисела зелка, а врз нив се распоредуваат сечкана сланина и едно чешне лук исечено на помали парчиња. На дното се додаваат и зрна црн бибер и еден лавров лист. Дури потоа се редат сармите – најпрво во круг покрај рабовите на тенџерето, а потоа и во средината, додека се покрие целото дно. Врз првиот ред се додава малку суво месо, а најдобар избор се сувите ребра.
Поврзани објави
Потоа повторно се редат сарми, меѓу кои се распоредуваат парчиња исчистен лук и сланина или парчиња суви ребра. Постапката се повторува додека се потрошат сите сарми.
Колку ќе биде мрсна сармата зависи од маснотијата на сувите ребра и од количината сланина што ќе ја додадете во тенџерето. Имајте предвид дека оризот впива прилично голема количина маснотии, а сармата е јадење со висока калориска вредност.
Откако ќе завршите со редењето, прелијте ги сармите со ладна вода, така што добро ќе бидат покриени, па ставете го тенџерето на рингла.
Бидејќи оризот во сармите релативно брзо ќе впие голем дел од водата, ќе треба повремено да ја дополнувате. Овојпат користете млака вода и додавајте ја во поголема количина. Како и да ја подготвувате, сармата секогаш бара малку повеќе труд. Затоа постои и едно непишано правило: сармите секогаш се готват во поголемо тенџере.
Потоа оставете ги да се крчкаат колку што сакате – нема да им пречи подолгото готвење. Се верува дека сармите се повкусни колку подолго се крчкаат и колку повеќе пати се подгреваат. Сепак, повторното подгревање повеќепати е подобро да го избегнувате од здравствени причини. А доколку имате можност, имајте предвид дека сармата има најдобар вкус кога се подготвува во земјен сад.