Ако Викторија Бекам е претставничка на моќниот минимализам, Никол Кидман е амбасадорка на опуштениот луксуз
Две модни икони, Никол Кидман и Викторија Бекам, се појавија речиси во исто време, но на две различни страни од светот, и двете облечени во црни костими.
Овие две модни изданија се одличен пример за тоа колку различно може да изгледа црниот костим во зависност од кројот, пропорциите и начинот на стилизирање. Викторија Бекам и Никол Кидман се одлучиле за црна боја, но претставиле два сосема различни модни правци: едната се потпира на строгата, минималистичка елеганција, додека другата избира порелаксиран, но софистициран урбан стил.
Викторија Бекам останува доследна на естетиката што ја гради со години – умерена, прецизна и исклучително софистицирана. Нејзиниот црн костим се потпира на играта со пропорциите: предимензионираното сако со нагласени раменици ѝ дава доза на мажественост на комбинацијата, додека тесните панталони со прав крој визуелно ја издолжуваат фигурата и создаваат елегантна силуета.
И чевлите со високи потпетици и костумот се дел од модната линија на Викторија Бекам и претставуваат вистинска модна класика.
Ова е костим за жена која сака да остави силен впечаток без потреба од впечатливи детали. Неговата најголема предност лежи во кројот, конструкцијата и самодовербата што ја зрачи.
Никол Кидман – олицетворение на урбаниот шик
Поврзани објави
Никол Кидман се појавила во Њујорк во шик црн костим кроен по мерка, комбиниран со бела блуза со висока јака. Додека излегувала од автомобилот, актерката упатила насмевка, подготвувајќи се да ја помине ноќта во њујоршкиот хотел „The Jane“. Изгледот го заокружила со класична чанта „Шанел“ што се носи преку рамо.
Најинтересниот дел од комбинацијата е белата кошула со висока јака и набрани детали. Таа ја разбива доминацијата на црната боја, внесува романтична нота и потсетува на естетиката на класичната, малку ретро-елеганција. Токму контрастот меѓу строгоста на црниот костим и женственоста на белата блуза му дава посебен карактер на целото модно издание.
Наместо класични салонки, Никол избира црни рамни чевли, со што дополнително ја нагласува лежерноста на комбинацијата. Црната чанта „Шанел“ преку рамо го заокружува изгледот и му додава препознатлив луксузен печат.
Ова е одличен пример за таканаречената лежерна елеганција – стил што не се потпира на совршено нагласена фигура, туку на квалитетот на парчињата, нивната меѓусебна усогласеност и внимателно избраните детали.
Она што ги прави овие две модни изданија особено интересни е фактот што покажуваат колку црниот костим всушност е универзално парче облека. Викторија Бекам докажува дека моќната, прецизно скроена силуета и понатаму е еден од најсигурните начини да се постигне беспрекорен деловно-елегантен изглед. Никол Кидман, од друга страна, покажува дека костимот не мора да биде строг, тесен или изразено женствен за да изгледа луксузно.
Ако Викторија Бекам е претставничка на моќниот минимализам, Никол Кидман е амбасадорка на лежерниот луксуз. И двете потврдуваат дека добро избраниот црн костим никогаш не излегува од мода – се менува само начинот на кој го носиме.
ФОТО: ИНСТАГРАМ