Фото: Министерство за транспорт
Предизвикот за земјите од регионот е како заеднички да настапуваат на европскиот пазар, како да се натпреваруваат со конкуренцијата и како да се постигне повисоко ниво на развој. За овие прашања, за можностите за економски напредок на регионот, како и за инвестициите во инфраструктурата, зборуваше заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, кој се обрати на 23-от Виенски економски форум.
Зборувајќи на панел дискусијата “Заедничка визија за долгорочна економска соработка” вицепремиерот Николоски потенцира дека е потребен заеднички пристап на земјите од регионот за претставување на глобалниот пазар.
“Наш предизвик, но истовремено и наша задача, е да соработуваме сите економии што ги претставуваме. Без разлика дали станува збор за мојата земја или за која било друга земја од регионот, факт е дека нашите економии се премногу мали за да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Дури и целиот регион, гледан како една целина, е премал за самостојно да биде глобално конкурентен. Токму затоа треба да соработуваме. Свесен сум дека тоа не е лесна задача, имајќи ги предвид политичките предизвици, политичкото минато и историското наследство на регионот. Но, и покрај тоа, тоа е задача што мораме да ја преземеме и на која мораме заеднички да работиме” – се обрати Николоски.
Додаде дека вистинското прашање во следниот период е дали земјите од регионот ќе успееме да го подигнеме квалитетот што го нудиме. Тој на форумот ги потенцира развојните проекти што се реализираат во Македонија во делот на патната и железничката инфраструктура.
“ Што се однесува до железницата, се наоѓаме во многу напредна фаза на подготовка за започнување на работите на проектот за брза железница, која ќе се протега од границата со Грција до границата со Србија. Oчекувам изградбата да започне на пролет. Станува збор за огромен проект, кој ќе биде најголемиот поединечен инфраструктурен проект во Југоисточна Европа, со инвестиција од приближно две милијарди евра.
Во однос на Коридорот 8, успеавме да постигнеме договор со Бугарија за железничкото поврзување. Двете страни веќе работат на реализацијата на проектот. Ние веќе инвестираме околу 810 милиони евра во железничкото поврзување, а Бугарија презема слични активности на своја територија. Во понапредна фаза е автопатското поврзување, каде што двете страни вложуваат значителни напори. Од наша страна, работите се завршени до границата со Бугарија, односно веќе имаме изградено автопат или експресен пат. Заедно со Европската Унија работиме и на западната железничка врска со Албанија.
Кога ќе се соберат сите овие активности, станува збор за инвестиции од приближно пет до шест милијарди евра во овие коридори. Нашата цел е земјата да стане важна крстосница, со што ќе придонесеме не само за растот на бизнисот и економијата, туку и за зајакнување на безбедноста” – се обрати Николоски на глобалниот форум.
Post Views: 8