Почетна ЕкономијаВо среда продолжува Комисиската расправа за предлог-буџетот за 2027 година

Во среда продолжува Комисиската расправа за предлог-буџетот за 2027 година

од nenad
3 минути читај за

Собраниската Комисија за Финансирање и буџет денеска расправаше по предлог-буџетот за 2027 година, со кој од Министерството за финансии очекуваат редовно сервисирање на обврските кај сите буџетски корисници без исклучок, постепена фискална консолидација, одржлив јавен долг во согласност со психолошката граница којашто е во рамките до 60 отсто од бруто домашниот производ и обезбедување средства за реализација на развојните проекти.

За пратениците од власта предложениот буџет е развоен, ќе овозможи унапредување на состојбите во сите сфери, но и подобрување на стандардот на граѓаните.

Пратеникот Жан Дрвошанов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека предлог-буџетот за 2027 година има јасна определба за постепена фискална консолидација, одговорно управување со јавните финансии, намалување на буџетскиот дефицит, стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се намалат развојните политики за подобрување на состојбата во државата.

– Овој предложен буџет треба да обезбеди посилна економија и подобар живот за граѓаните на Република Македонија – рече Дрвошанов.

Неговата сопартијка Лидија Петкоска рече дека е важно да не се зборува само за тоа што се планира да се направи утре, туку и да се погледне што било направено вчера, затоа што, како што рече, довербата кај граѓаните се гради со резултати, не со ветувања за иднината, туку со докази дека она што претходно сме го ветиле е реализирано.

Од таа перспектива, додаде, треба да се гледа буџетот за 2027 година.

– Најнапред да ја погледнеме финансиската реалност со која се соочуваме, бидејќи во овој буџет влегуваат и обврските од претходните години, долговите што доспеваат, каматите што мора да се платат, а истовремено тука е и обврската државата да остане финансиски стабилна, рече таа додавајќи дека токму тоа треба да се постигне со предложениот буџет.

За опозицијата буџетот за 2027 година не е развоен, има помалку средства за капитални инвестиции, а најголем дел од парите се предвидени за покривање на тековните трошоци. Опозицијата смета дека не се предвидуваат доволно средства ниту за подобрување на животниот стандард на граѓаните, ниту за поддршка на стопанството.

Фатмир Битиќи рече дека се согласува со неговите колеги од владејачките партии дека развојот не го носат само јавните инвестиции, туку и поддршката на малите и средни претпријатија, на домашните и странските компании, како и на инвестициите. Но, како што посочи, во буџетот за 2027 година нема планирано доволно средства за таа намена.

Од опозициските партии најавија дека вака предложениот буџет за следната година нема да ја добие нивната поддршка.

Разгледувањето на предлог-буџетот за 2027 година почна во петокот. Комисиската расправа за буџетот трае 10 дена, од кои најмногу четири дена за општ претрес и шест дена за амандмани. За предлог-буџетот поднесени се над 300 амандмани од овластени предлагачи. Расправата за предлог-буџетот продолжува во среда, по одржувањето на пленарната седница

Во предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто во споредба со 2026 година. Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.

Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата, 46,5 милјарди денари се за надворешен долг. В година, како што е познато, за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските планирано е домашно задолжување од 36,3 милијарди денари и дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност, кои достасуваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари.