Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за ново намалување на цените на горивата, кои од полноќ ќе бидат поевтини во просек за 2,43 проценти.
Најголемо намалување во апсолутен износ кај горивата има кај екстра лесното масло, чија цена се намалува за три денари и ќе изнесува 100,50 денари за литар.
Бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 поевтинуваат за два денари. Така, литар од првиот ќе чини 84 денари, додека вториот ќе се продава за 86 денари.
Цената на дизелот се намалува за 2,5 денари, па новата цена ќе изнесува 92 денари за литар.
Одлуката е донесена по падот на цените на нафтените деривати на меѓународните пазари. Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините бележат намалување од речиси 7,5 проценти, додека кај дизелот падот надминува четири проценти.
При утврдувањето на новите цени се земени предвид и владините мерки за намалување на акцизите – за еден денар кај бензините и за четири денари кај дизелот. Продолжува да важи и повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизел горивото.
Новите максимални малопродажни цени стапуваат во сила од утре, 17 ноември.