Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Здружението на матични лекари ги завршија преговорите со согласност за повеќе прашања од заеднички интерес, при што е договорено и формирање заедничка работна група за разгледување на важечките правилници и можностите за нивно понатамошно унапредување.
Како што соопшти ФЗО, разговорите се одвивале во конструктивна атмосфера, со отворен дијалог, меѓусебно разбирање и заедничка заложба за подобрување на условите за работа на матичните лекари и унапредување на здравствените услуги за осигурениците.
Во рамки на преговорите биле усогласени повеќе прашања поврзани со секојдневното работење на матичните лекари, а посебен акцент бил ставен на поедноставувањето на процедурите и обезбедувањето постабилна и попредвидлива соработка меѓу Фондот и примарното здравство.
Од ФЗО посочуваат дека матичните лекари имаат клучна улога како прва точка на контакт на граѓаните со здравствениот систем, поради што создавањето подобри услови за нивна работа е значајно и за поквалитетна здравствена заштита на осигурениците.
Фондот најавува продолжување на дијалогот со матичните лекари, со цел преку заедничка соработка да се унапредува функционирањето на примарната здравствена заштита и да се обезбеди навремена, достапна и квалитетна здравствена услуга за граѓаните.
Извор: МИА