Рамо до рамо со Херцог и Атенборо – Тамара Котевска испиша нова историја со „Приказната за Силјан“
Македонската режисерка Тамара Котевска продолжува да ја освојува светската филмска сцена. Нејзиниот документарен филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) доби уште едно исклучително меѓународно признание, овојпат на престижните британски награди „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards), кои важат за едни од најзначајните признанија во документарната кинематографија.
Котевска го освои Гран-при признанието во категоријата за најдобар кинодокументарец на годинешното доделување во Лондон. Станува збор за едно од највисоките признанија во британската документарна продукција, поради што наградите често се нарекуваат и „британски Оскари за документарен филм“.
Оваа победа е уште еден значаен момент во меѓународната кариера на Котевска, која веќе привлече големо светско внимание со „Медена земја“, а неодамна го освои и признанието „Зелен Оскар“ (Wildscreen Panda Award). Со новиот успех, македонската режисерка повторно се најде во друштво на автори чии документарни остварувања оставиле силен белег во светската кинематографија.
„Приказната за Силјан“ е реализирана во продукција на National Geographic Documentary Films и Dogwoof. Филмот ја раскажува приказната за земјоделец од Северна Македонија кој се грижи за повреден бел штрк, а преку нивната необична поврзаност отвора теми за човечноста, природата и односот меѓу човекот и животните. Светската премиера ја имаше на Венецискиот филмски фестивал во 2025 година.
Поврзани објави
Особено впечатлив е и фактот што Котевска сега се приклучува на листата досегашни добитници на „Гриерсон“, на која се наоѓаат имиња како Вернер Херцог, Дејвид Атенборо, Луј Теру, Асиф Кападија и Кевин Мекдоналд. Станува збор за автори кои со својата работа имаат оставено препознатлив белег во документарниот филм.
По повод наградата, Котевска не ги криеше емоциите и истакна дека успехот на филмот и по една година продолжува да ја изненадува и радува.
„Вредноста на ‘Приказната за Силјан’ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност“, изјави режисерката.
Со секое ново признание, „Приказната за Силјан“ ја потврдува својата позиција како едно од најуспешните македонски документарни остварувања на меѓународната сцена, а Тамара Котевска уште еднаш покажува дека домашната кинематографија има автори способни да раскажуваат приказни што допираат до публика ширум светот.