Почетна Економија„Макпромет“ Штип оствари добивка од 2,9 милиони денари во првите девет месеци од 2026 година

„Макпромет“ Штип оствари добивка од 2,9 милиони денари во првите девет месеци од 2026 година

од nenad
1 минути читај за

Групацијата „Макпромет“ АД Штип остварила позитивен финансиски резултат од 2,912 милиони денари во периодот од јануари до септември 2026 година, покажува образложението кон неревидираните консолидирани финансиски извештаи на компанијата.

Во анализираниот деветмесечен период, вкупните оперативни приходи достигнале 210,921 милиони денари.

Најголемиот дел од приходите е остварен од продажба на производи на странските пазари, во износ од 131,911 милиони денари. Продажбата на производи и услуги на домашниот пазар донела 73,786 милиони денари, додека останатите оперативни приходи изнесуваат 5,224 милиони денари.

Од друга страна, вкупните оперативни расходи достигнале 208,009 милиони денари. Најголема ставка во трошоците се суровините, материјалите и електричната енергија, за кои се издвоени 116,769 милиони денари.

Трошоците за плати и останати надоместоци на вработените изнесуваат 68,099 милиони денари. Набавната вредност на трговската стока достигнала 6,521 милион денари, услугите со карактер на материјални трошоци изнесуваат 9,021 милион денари, а останатите оперативни трошоци се 7,599 милиони денари.

Од компанијата информираат и дека во текот на 2026 година се намалуваат постојните долгорочни кредитни обврски, како резултат на редовното сервисирање на ратите според утврдениот амортизациски план.

„Макпромет“ нема обврска да објавува финансиски план и информации за неговата реализација согласно правилата за котација на Македонската берза.

Во следниот период менаџментот најавува дека фокусот ќе биде ставен на зголемување на продажбата на производите и услугите, задржување на постојните клиенти и привлекување нови потрошувачи.

Планираните активности вклучуваат и намалување на трошоците, подобро искористување на производствените капацитети и поинтензивно истражување на пазарот, со цел да се обезбеди повисок позитивен финансиски резултат.