Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за Тема на денот во Дневникот на Сител говорејќи за енергетската криза истакна дека додека цените на енергенсите во Европа се многу повисоки, оваа Влада прави се за граѓаните да плаќаат најевтино што може и посочи дека досега успешно се менаџира и нема големи скокови како што има во други земји, информира владината прес-служба во соопшетние што МИА го објавува интегрално.
Во врска со тоа со каква криза се соочуваме, премиерот Мицкоски посочи дека оваа енергетска криза е епска по неколку основи, а најмногу по тоа што трае и не застанува, напротив станува се полоша и полоша, затоа што започна некаде крајот на февруари месец, еве денеска сме втора недела од ноември, а цените на електричната енергија на берзите веќе неколку месеци држат ниво 300 плус евра за мегават час, како и тоа дека ако минатата година на почетокот од грејната сезона гасот беше 28, 30 или 32 евра за мегават час, денеска е 85, 86, а имаше и пикови над 100 евра за мегават час.
– Сето тоа како ресурс и суровина влегува во конечната цена на крајниот производ, во случајот затоплување на дел од Скопје, а електричната енергија ја користат граѓаните. Ние немавме проблем, односно сето ова ние досега го менаџираме одлично. За да продолжиме да го менаџираме одлично, за да нема големи скокови како што тоа се случува насекаде во Европа за 2 или три пати да се зголемат цените на овие енергенси ние антиципираме можни сценарија креираме модели коишто ќе овозможат да нема големи скокови кога станува збор за цената на електричната енергија и цената на затоплувањето во Скопје., потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски појасни дека врз основа на овој модел кој се креира, тој не очекува дека ќе се случат такви големи скокови во кои ќе имаме и големи скокови во трошоците на живот, односно инфлацијата, односно ќе се движиме во рамките на тоа што денешна просечна годишна стапка на инфлација од 3,5-4% колку што е денеска во Македонија.
– Овој модел ќе биде единствен и ценам дека ако успееме ова да го реализираме, а ќе треба да работиме ден за ден оваа зима, ќе имаме безбедна зима со обезбедени енергенси како прво, и она што е второ поважно за мене е да немаме големи скокови во цената на овие два енергенси. Што се однесува до цената на горивата, тука ќе се сложите дека состојбата веќе подолго време е исклучително предизвикувачка. Кај нас дизел горивото има цена под 1,5 евра за литар, додека пак во регионот и Европа тоа е над 2 евра некаде 2,5 или 2,8 евра. Тука ќе ја држиме политиката на ниска цена затоа што цениме дека на тој начин го браниме стандардот онолку колку што можеме, а ќе сложиме сите дека живееме во време на големи светски предизвици и би рекол состојба на неизвесност., вели премиерот Мицкоски.
Во однос на инфлацијата премиерот Мицкоски нагласи дека како во септември и октомври, така и во месеците наназад имаме пониска инфлација од европската, но и од таа на земјите од регионот.
Извор: МИА
Фото: Принскрин