„Сè ќе биде во ред“, ѝ кажал Расел Бренд на својата сопруга по пресудата, но сите знаат дека го очекува пекол
Во понеделникот, 9 ноември, поротата ја донесе пресудата во случајот против Расел Бренд. Актерот и комичар е прогласен за виновен по четири точки од обвинението: една за силување и три за сексуален напад. Делата биле извршени во периодот од 2004 до 2009 година врз четири жени.
При изрекувањето на пресудата, судијата Џоел Бенатан го нарекол Бренд „сексуален предатор“, кој покажувал „рамнодушно и арогантно непочитување“ кон желбите на жените.
„Вашиот статус ве штител сè до 2023 година“, изјавил судијата.
Тој истакнал дека славата му овозможила на Бренд со години да ја избегнува одговорноста за своите постапки. За силувањето му е изречена казна од девет години затвор, а за трите точки од обвинението за сексуален напад добил дополнителни казни, со што вкупната затворска казна изнесува 10 години и шест месеци. Според законите во Обединетото Кралство, тој мора да отслужи најмалку две третини од казната пред да може да биде пуштен на условна слобода.
На судењето сведочеле шест жени, иако обвиненијата се однесувале на четири жртви. Една од нив, која била силувана во 2009 година, сведочела дека по нападот имала проблеми со спиењето и исхраната, привремено ја напуштила работата и се преселила кај родителите. Друга жена, која била нападната во бар во 2004 година, изјавила дека со години не можела да избега од постојаното присуство на ликот на Бренд во медиумите и дека тоа ѝ предизвикувало физичка непријатност.
„Расел Бренд е сексуален предатор кој не покажува никакво каење“, изјавила една од жртвите во официјалното соопштение.
Бренд ги негирал сите обвиненија, тврдејќи дека сексуалните односи биле со заемна согласност. За време на изрекувањето на пресудата не покажал никакви емоции, но пред да биде изведен од судницата, ѝ се обратил на својата сегашна сопруга Лаура.
„Сè ќе биде во ред“, ѝ рекол Бренд.
Неговиот татко, Рон Бренд, по судското рочиште им изјавил на новинарите дека нема доверба во правосудниот систем, признавајќи дека е можно поротата да била пристрасна.
Поврзани објави
Истрагата против Бренд започнала по објавувањето на истражувачкиот прилог во 2023 година, објавен во весниците „Тајмс“ и „Сандеј тајмс“, како и на телевизискиот канал Канал 4, во кој неколку жени го обвиниле за сексуален напад. Според судијата, токму овие објави ги охрабриле и другите жртви да проговорат. Бренд во меѓувреме се соочува и со нова истрага по обвиненијата за силување што ги изнеле две жени, додека во САД против него е во тек и граѓанска судска постапка.
Расел Бренд и Кети Пери се венчале во 2010 година во Индија, а се развеле две години подоцна, во 2012 година. За пејачката тоа беше прв брак, кој одамна е дел од нејзиното минато. Таа сè уште ја нема официјално коментирано судската пресуда, но уште во летото 2025 година, за време на концерт во Оксфордшир, имаше изјава што денес добива поинакво значење.
„Се надевам дека мојот поранешен сопруг не е тука. Треба да биде во затвор!“, изјавила Пери од сцената.
Во интервју за магазинот „Вог“ во 2013 година, пејачката изговорила и една мистериозна реченица, која сега повторно привлекува внимание.
„Чувствував голема одговорност за начинот на кој заврши сè, но потоа ја дознав вистинската вистина, која не можам да ја откријам бидејќи ја чувам во својот сеф за црни денови“, признала таа.
Според пишувањето на весникот „Мејл он Сандеј“, Пери навистина води „активни преговори“ за книга и документарна серија посветени на нејзиниот „мрачен брак“ со Бренд. Извори тврдат дека со години добивала понуди да ја раскаже својата приказна, но намерно чекала да заврши судскиот процес пред да прифати каков било проект.
„Таа има многу што да каже. Многу работи за тој брак сè уште се непознати. Тоа беше многу мрачен период од нејзиниот живот“, изјавил близок пријател на славната пејачка.
Се шпекулира за проекти во стилот на Нетфликс, како и за можноста за објавување автобиографија, но за сега нема официјална потврда од самата Пери или од нејзиниот тим.
ФОТО: ИНСТАГРАМ