Европската комесарка за проширување, Марта Кос, денеска ќе го претстави Пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на Европската комисија за десет земји-кандидати за членство во Европската Унија.
Пакетот, во кој Европската комисија ќе го оцени напредокот на секоја од земјите-кандидати, најпрво ќе им биде претставен на членовите на Комитетот за надворешни работи (AFET) при Европскиот парламент. Потоа, постојаните известувачи на AFET ќе подготват посебни резолуции за секоја земја, во кои ќе бидат содржани ставовите и препораките на Европскиот парламент за нивниот пат кон членство во Унијата.
Утре, на 5 ноември, Комитетот за надворешни работи (AFET), во соработка со Комитетот за буџети (BUDG), ќе биде домаќин на петтиот дијалог за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, третиот дијалог за истиот инструмент за Молдавија и шестиот дијалог за Инструментот за Украина.
На тие седници, Герт Јан Коопман, генерален директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување при Европската комисија, ќе ги информира европратениците за актуелниот статус на спроведувањето на реформските агенди и исплатата на средствата од ЕУ.
– Откако Европската комисија ќе го оцени напредокот на секоја земја во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, постојаните известувачи на Комитетот за надворешни работи (AFET) ќе подготват резолуции за секоја земја поединечно. Тие резолуции ќе ги презентираат ставовите и препораките на Европскиот парламент во врска со процесот на пристапување на секоја од овие земји во Европската Унија, се вели во соопштението од Европскиот парламент.
Се очекува Европската комисија да ги презентира и плановите за пристапување за четири земји кои постигнале значителен напредок на европскиот пат – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Тие планови треба да ги дефинираат следните чекори кон членство во ЕУ, со продолжување на реформите и постепено вклучување на земјите кандидати во европските политики.
Годишниот пакет за проширување е еден од клучните документи на Европската комисија што го оценува напредокот на земјите на европскиот пат, особено во областите на владеењето на правото, демократските институции, фундаменталните права и економските реформи.
Црна Гора би можела да ги заврши преговорите за пристапување со Европската Унија во декември 2026 година, додека Србија, Босна и Херцеговина и Косово не постигнале напредок во таканаречените фундаментални области, според нацрт-верзијата на годишната изјава на Европската комисија за политиката на проширување.
Пакетот за проширување е збир на документи со кои Европската комисија го оценува напредокот на земјите-кандидатки и потенцијалните кандидатки кон членство во Европската Унија. Врз основа на него, земјите-членки одлучуваат за понатамошните чекори во преговорите за пристапување, како што се отворање и затворање на поглавјата.
Во нацрт-верзијата, во која имале увид од РСЕ се проценува дека напредокот на земјите од регионот е сè уште нееднаков.
– Србија, Босна и Херцеговина и Косово не постигнале напредок во фундаменталните области, се наведува во документот. Фундаменталните области вклучуваат владеење на правото, демократски институции, реформа на јавната администрација и економски критериуми, а тие го одредуваат целокупното темпо на преговорите.
Црна Гора е опишана во документот како лидер во процесот на проширување. Според оценката на Комисијата, Подгорица ги исполнила конечните критериуми во сите поглавја од преговорите и би можела да ги заврши преговорите до крајот на оваа година.
– Исклучителниот напредок на Црна Гора во преговорите за пристапување со ЕУ е доказ дека проширувањето е сè уште остварлива реалност, се наведува во нацрт-документот.
Комисијата, исто така, оценува дека Црна Гора решително ја подобрила својата работа во фундаменталните области, со добри резултати во владеењето на правото, економското управување и реформата на јавната администрација. Во договорот за пристапување на Црна Гора, за првпат би се применил „засилени пристап“ кон заштитните клаузули. Се вели дека договорот би послужил како модел за идните договори за пристапување.
Според нацрт-документот, до септември 2026 година, од Планот за раст за Западен Балкан се исплатени 193,3 милиони евра грантови од вкупно 1,6 милијарди евра, за 90 исполнети реформски чекори. Комисијата проценува дека имплементацијата мора да се забрза. Исто така, се наведува дека се работи на укинување на роаминг трошоците со земјите од Западен Балкан.
Во делот за помирување, Комисијата вели дека историскиот ревизионизам, негирањето или глорификацијата на воените злосторства и провокативната реторика се „некомпатибилни со вредностите“ врз кои се темели процесот на пристапување.