Александар Вучиќ не ја исклучува можноста Српската напредна партија (СНС) да не учествува со сопствен кандидат на претседателските избори во Србија, најавени за крајот на декември. Оваа опција повторно ја спомена во телевизиско гостување на „Информер“, по поразот на неговата партија на парламентарните избори од Студентската листа.
Вучиќ оцени дека условите за водење изборна кампања се отежнати и дека во таква ситуација не е сигурен дали СНС треба да има свој претседателски кандидат.
„А како можам да ги натерам луѓето да одат и да водат кампања под такви услови? Па, тоа не е можно… Не реков дека нема, но постои опција да не учествуваме бидејќи не е реално во овие услови“, изјави Вучиќ.
Тој ги обвини победничката Студентска листа и нејзините поддржувачи дека по изборите вршеле, како што рече, „револуционерен терор“. И претходно неделава најави дека СНС би можела да остане без кандидат, упатувајќи порака до политичките противници дека ќе мораат сами да ја водат претседателската трка.
По изборниот пораз се отвора прашањето за иднината на СНС
Претседателските избори во Србија се очекува да се одржат кон крајот на декември. Вучиќ на 27 септември поднесе оставка од претседателската функција, иако неговиот втор мандат требаше да заврши во мај 2027 година. Според српскиот Устав, тој нема право на уште еден претседателски мандат.
Оставката ја образложи со намерата да ја предводи кампањата на СНС на парламентарните избори, на кои настапи како обичен граѓанин. Во случај на победа, најавуваше можност повторно да стане премиер.
Сепак, на гласањето на 25 октомври, СНС претрпе пораз од Студентската листа. Според објавените резултати, разликата била околу 600.000 гласови во корист на победничката листа. Вучиќ во неделата вечерта го призна поразот на својата партија, приближно час и половина по затворањето на избирачките места.
Предлог Вучиќ повторно да застане на чело на партијата
Паралелно со неизвесноста околу претседателските избори, во СНС се подготвуваат и промени во партиското раководство. Главниот одбор едногласно го поддржал предлогот Александар Вучиќ повторно да биде избран за претседател на партијата.
Предлогот го образложил поранешниот лидер на СНС, Милош Вучевиќ, а конечната одлука треба да биде донесена на вонредното собрание закажано за 13 декември.
Вучевиќ порача дека на партијата ѝ се потребни нова енергија, организациско освежување и подготвеност за претстојните политички предизвици. Според него, СНС треба да влезе во следниот период со нов оптимизам и сила, без оглед на тешкотиите со кои се соочува.
Вучиќ беше лидер на СНС од 2012 до 2023 година
Српската напредна партија настана по издвојувањето од Српската радикална партија на Воислав Шешељ, а на власт во Србија дојде во 2012 година.
Вучиќ ја предводеше партијата од нејзиното формирање до мај 2023 година, кога раководството го презеде Милош Вучевиќ. Во меѓувреме, Вучиќ беше премиер од април 2014 до мај 2017 година, по што беше избран за претседател на Србија и ја извршуваше функцијата во два мандата.
По неодамнешниот изборен пораз, повторно се отвора можноста тој да се врати на чело на СНС, додека партијата сè уште нема конечна одлука дали ќе има свој кандидат на претстојните претседателски избори.