Почетна МакедонијаВо Корча ќе бидат презентирани традиционалните носии на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните

Во Корча ќе бидат презентирани традиционалните носии на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните

од nenad
1 минути читај за

Македонското друштво “Сонце“ од Корча со поддршка на Комитетот за национални малцинства, во сабота, 31 октомври, ќе го организира завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, ромското, влашкото и египтјанското национално малцинство во регионот на Корча“.

Во рамките на настанот ќе бидат презентирани традиционалните носии на четирите национални малцинства, изработени од познатата костимографка од Корча, Лирика Појани. Носиите се создадени со посветеност и љубов кон културното наследство, со цел да се зачуваат и промовираат традициите, автентичноста и културниот идентитет на овие заедници.

Посебен дел од програмата ќе биде посветен и на промоцијата на информативната брошура „Етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египтјаните во регионот на Корча“, подготвена од Васил Стерјовски. Брошурата ја обработува историјата, значењето и културната вредност на традиционалните носии, како важен дел од нематеријалното културно наследство и колективниот идентитет на заедниците.

Со реализацијата на овој проект се дава придонес кон зачувувањето, афирмацијата и пренесувањето на културните традиции на националните малцинства во регионот на Корча, истовремено промовирајќи ги меѓусебното почитување, соживотот и културната разновидност.

Завршниот настан ќе се одржи во сабота, 31 октомври 2026 година, со почеток во 11:00 часот, во салата на Советот на Округот Корча.

Организаторите упатуваат отворена покана до сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на настанот и заедно да ја прослават богатата културна разновидност на регионот.


Post Views: 103