Почетна ЕкономијаЦената во Македонија е речиси 59% пониска од европскиот просек и пониска од цените земји членки на ЕУ

Цената во Македонија е речиси 59% пониска од европскиот просек и пониска од цените земји членки на ЕУ

од nenad
2 минути читај за

Пониските продажни цени на електричната енергија од ЕСМ помагаат да се ублажи ценовниот притисок врз домаќинствата и да се заштити стандардот на граѓаните, посочи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Во изјава на саемот „Енерго Технома 2026“, таа наведе дека актуелната продажна цена на електричната енергија од ЕСМ изнесува 65 евра за мегават-час.

„Ние правиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, и тоа преку ЕСМ“, изјави Божиновска. Таа истакна дека домашното производство на електрична енергија е стабилно и дека ЕСМ се грижи за сигурното снабдување на граѓаните, додека институциите ги следат движењата на цените на енергенсите.

Податоците на Евростат за првата половина од 2026 година ја вбројуваат Македонија меѓу земјите со најниски номинални цени на струјата за домаќинствата во Европа. Просечната цена во земјава изнесувала 11,68 евра за 100 киловат-часови, наспроти 28,32 евра во Европската Унија. За истата потрошувачка категорија, тоа значи дека македонските домаќинства плаќале струја по цена за 58,8 проценти пониска од просекот на ЕУ.

Колкава е разликата покажува и споредбата со поединечните земји членки. Единствено Унгарија, со просечна цена од 11,39 евра за 100 киловат-часови, имала пониска цена од Македонија. Во преостанатите 26 членки на ЕУ, домаќинствата од споредуваната категорија плаќале повисока просечна цена.

На врвот на листата била Ирска, со 38,71 евра за 100 киловат-часови, односно околу 3,3 пати повеќе отколку во Македонија. По неа следуваат Германија, со 36,18 евра, и Белгија, со 35,75 евра.

Значителни разлики се забележуваат и во регионот. Во Романија просечната цена изнесувала 28,36 евра за 100 киловат-часови, во Грција 24,01 евро, во Словенија 21,18 евра, а во Хрватска 18,16 евра. Повисоки цени од Македонија имале и Бугарија, Србија и Албанија, додека пониски биле забележани во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Турција.

Споредбата се однесува на домаќинства со годишна потрошувачка од 2.500 до 4.999 киловат-часови, а прикажаните цени ги вклучуваат електричната енергија, мрежните трошоци, даноците и давачките. Станува збор за номинални цени изразени во евра, без приспособување за разликите во приходите и куповната моќ на домаќинствата.