Почетна ЕкономијаТелеком ја пушти во употреба првата 5G+ мрежа во Македонија

Телеком ја пушти во употреба првата 5G+ мрежа во Македонија

од nenad
3 минути читај за

Македонски Телеком официјално ја пушти во употреба првата самостојна 5G+ мрежа во Македонија – 5G Standalone, со што започнува нова ера во развојот на мобилните услуги. Станува збор за една од најголемите технолошки промени во мобилните мрежи во последната деценија, која создава основа за поперсонализирано, пофлексибилно и посигурно поврзување.
Со овој технолошки исчекор, Македонски Телеком продолжува да ја предводи дигиталната трансформација на земјата. Токму во годината кога одбележува 30 години од првата мобилна мрежа во Македонија, компанијата ја носи следната генерација мобилна технологија на македонскиот пазар.

„Пред 30 години ја поставивме првата мобилна мрежа и го започнавме развојот на мобилните комуникации во земјата. Денес, со првата 5G+ мрежа, го правиме следниот голем чекор. Но, технолошкото лидерство за нас не е само прашање на нови технологии, туку и на вредноста што ја создаваме за луѓето, компаниите и општеството. Горди сме на патот што го поминавме, но уште повеќе нè инспирира она што е пред нас. Со 5G+ го отвораме следното поглавје на дигиталниот развој на Македонија.“

За разлика од 5G мрежата, која дел од основните функции ги реализира преку постојната 4G инфраструктура, 5G+ користи самостојна 5G архитектура. Таа овозможува напредни мрежни функции и создава основа за развој на дигитални услуги приспособени на различните потреби на корисниците.

Една од најважните можности што ги носи 5G+ е мрежното сегментирање (Network Slicing), што овозможува персонализирана конекција. Преку Network Slicing, во рамките на мрежата се создаваат посебни виртуелни сегменти, приспособени за различни услуги и апликации – со соодветна брзина, време на реакција и приоритет на поврзување. Така, корисниците добиваат квалитет на услугата приспособен на нивните потреби.

„5G+ е почеток на новата генерација мобилни услуги. Досега мрежата обезбедуваше исто искуство за сите, а сега можеме да понудиме поврзување приспособено на конкретните потреби на корисниците. Тоа значи дека, кога некому му е важно да има стабилна конекција, без оглед на тоа дали е на концерт со илјадници луѓе или има важен деловен видеоповик, може да добие приоритетен пристап до мрежата. Но, ова е само почеток. 5G+ отвора можности за нови дигитални искуства, cloud gaming, AI апликации, поврзани уреди и напредни решенија за бизнисите и индустријата. Со оваа технологија не воведуваме само нова мрежа, туку создаваме основа за услугите на иднината“, изјави Маја Милосавлевска Наумовска, главен директор за техника и ИТ на Македонски Телеком.

За корисниците, новите можности на 5G+ стануваат реалност преку T Priority – нова услуга што овозможува загарантиран приоритетен пристап до мрежата преку Network Slicing. Услугата се активира едноставно преку апликацијата Telekom MK и важи 24 часа од активирањето.
5G+ е достапна за сите постпејд корисници на Македонски Телеком, доколку се наоѓаат во подрачје со 5G+ покриеност, имаат SIM-картичка и телефон што ја поддржуваат технологијата и надградба на последната софтверска верзија на уредот. Во почетната фаза, услугата може да се користи на следните модели: T Phone 3 Pro, Samsung Galaxy S26, S26+, S26 Ultra, а наскоро и Xiaomi 14T Pro и Xiaomi 15. Листата на поддржани телефони постепено ќе се проширува, со што сè повеќе корисници ќе можат да ги користат придобивките од новата 5G+ мрежа.