Велика Британија од 1 јануари повторно ќе биде дел од европската образовна програма „Еразмус плус“, со што на младите Британци повторно ќе им се отвори можноста да студираат, да посетуваат обуки и да стекнуваат работно искуство во земјите на Европската Унија.
Британската влада го потврди враќањето во програмата, а шефот на британската дипломатија, Хамиш Фалконер, најави дека пријавувањето ќе започне следниот месец. Програмата им овозможува на младите да стекнат меѓународно искуство и да ги надградат своите образовни и професионални вештини.
Одлуката е дел од договорот за обновување на односите меѓу Лондон и Брисел по Брегзит, постигнат во 2025 година од британскиот премиер Кир Стармер и Европската Унија.
Велика Британија се повлече од „Еразмус плус“ во 2020 година, во рамките на договорот за излегување од ЕУ, за време на владата на Борис Џонсон. Наместо европската програма, земјата ја воведе сопствената шема „Тјуринг“, наменета за поддршка на меѓународните образовни размени.
Со најновиот договор, британската влада одлучи повторно да се приклучи на европската иницијатива, додека програмата „Тјуринг“ се прекинува.
Враќањето во „Еразмус плус“ претставува нова можност за образовна и професионална размена меѓу Велика Британија и земјите членки на ЕУ. Преку програмата, младите ќе можат да стекнуваат знаења и искуства во странство, да запознаваат различни образовни системи и да создаваат меѓународни контакти.