Српскиот пејач Никола Роквиќ верува дека молитвата пред моштите на Света Петка му помогнала да му се оствари најголемата желба – да ја добие веста дека неговата партнерка Бојана Баровиќ е бремена. Како што раскажал во една телевизиска емисија, во периодот кога нивната врска минувала низ тежок период, поради разделеноста меѓу Србија и Америка, тој се молел повторно да бидат заедно и да создадат семејство.
Никола Роквиќ и Бојана Баровиќ се во брак од 2016 година и имаат две деца, ќерката Леона и синот Симеон. Но, патот до нивното семејство, како што открил пејачот, не бил едноставен. Во еден период од врската, поради животот на две различни страни од светот, двајцата биле блиску до разделба.
Роквиќ раскажал дека пет години живееле разделени, при што тој бил во Србија, а Бојана во Америка. Далечината им создавала тешкотии и во приватниот и во професионалниот живот, а честите несогласувања дополнително ја оптоварувале врската.
„Пет години живеевме на релација Србија – Америка. Трпи мојата работа овде, нејзината таму, па се случуваат и кавги во врската. Во еден момент си рековме дека ќе се разделиме. Ми беше тешко, многу се мачевме“, раскажал пејачот во емисијата „Додека ангелите спијат“.
Во тој тежок период, како што објаснил, повторно почувствувал внатрешен мир и убавина што подоцна ги препознал како благодат. Внатрешниот глас му велел да продолжи да го чита Новиот завет.
Тој ја отворил Евангелието според Лука, во кое го прочитал делот за раѓањето на Свети Јован Крстител. Потоа отишол на Централните гробишта во Белград, каде што се наоѓаат моштите на Света Петка.
„Два петочни дена одев да пеам со луѓето во црквата. Се молев пред моштите на Света Петка и на Свети Јован Бог да нè спои со Бојана, да ја нема повеќе таа далечина меѓу нас. Не знам зошто тогаш реков: „Боже, би сакал Бојана да е бремена, за да се сместиме на едно место и повеќе да не се разделуваме““, раскажал Роквиќ.
Пејачот открил дека во еден момент дури и си рекол оти ќе верува во Божјото постоење само ако Бојана навистина е бремена. Не поминало долго време, а таа се вратила од Америка и му донела подарок.
Додека го земал подарокот, Бојана му ставила во раката и тест за бременост. Роквиќ не можел да поверува што гледа.
„Во еден момент реков дека Бог постои само ако Бојана е бремена. Потоа таа дојде од Америка и ми даде подарок. Додека го земав, под подарокот ми стави во раката и тест за бременост. Тогаш се шокирав! Не можев да изустам ниту збор. Значи, Бог постои, а од друга страна, ми се оствари таа голема желба“, раскажал пејачот.
За него, веста била многу повеќе од радосен момент. Ја доживеал како одговор на молитвите и како знак дека нивната долгогодишна борба да останат заедно конечно добила среќен исход.
Роквиќ открил и дека Бојана неколку дена подоцна му раскажала за необичен сон. Во него видела жена облечена во црно, која ѝ пришла и ѝ рекла да не се грижи, бидејќи сè ќе биде во ред.
Кога го слушнал нејзиното раскажување, пејачот веднаш помислил на Света Петка.
„По неколку дена Бојана ми кажа дека сонувала жена во црно, која ѝ пришла и ѝ рекла да не се грижи и дека сè ќе биде во ред. Тогаш ѝ реков дека тоа била Света Петка“, раскажал тој.
Нивната ќерка Леона подоцна се родила токму на денот кога се празнува Света Петка Трнова, што за семејството претставува уште една посебна симболика. Девојчето било крстено на денот на Света Петка Српска.
За Никола Роквиќ, ова искуство останало длабоко врежано во сеќавањето, а празникот Света Петка има посебно место во неговиот живот. Тој верува дека молитвата му помогнала во еден од најтешките периоди и дека токму тогаш започнал ново поглавје за него и за Бојана.