Table of Contents
Лицата со дијабетес или нарушувања на циркулацијата не смеат да носат претесни чорапи
Штом ќе залади времето, некои луѓе не можат да си го замислат легнувањето без чорапи, додека други задолжително ги соблекуваат пред спиење. Но, освен чувството на удобност и топлина, спиењето со чорапи може да има и одредени здравствени придобивки.
Еве како оваа едноставна навика може да му помогне на телото да се подготви за сон и да го подобри квалитетот на спиењето.
Им помага на луѓето што страдаат од несоница
Затоплувањето на стапалата може значително да го скрати времето потребно за да заспиете. Ако стапалата често ви се студени пред легнување, чорапите би можеле да ви помогнат полесно да се опуштите и да заспиете. Не ве чини ништо да пробате!
Може да ги ублажи топлотните бранови
Спиењето со чорапи може да им биде корисно и на жените кои во перименопаузата и менопаузата се соочуваат со ноќни топлотни бранови – ненадејно чувство на неподнослива топлина, често проследено со црвенило и засилено потење, поради кое може да се разбудат неколкупати во текот на ноќта. Иако звучи необично, благото затоплување на стапалата би можело да му помогне на телото поефикасно да ја ослободува топлината.
Помагаат во задржувањето на влагата во кожата на стапалата
Поврзани објави
Ако имате сува кожа на стапалата или испукани пети, чорапите може да бидат корисен дел од вечерната рутина за нега. Пред спиење нанесете хидратантна крема, а потоа облечете чорапи. На тој начин ќе ѝ помогнете на кожата да ја задржи влагата и ќе ја намалите можноста кремата да се впие во постелнината.
Кога спиењето со чорапи не е добар избор?
За повеќето здрави возрасни лица, спиењето со чорапи е сосема безбедно, но многу е важно да го изберете вистинскиот пар. Премногу тесните чорапи се неудобни и можат да остават траги на кожата. Освен тоа, ако стапалата ви се потат многу, чорапите може да ја задржат влагата и да предизвикаат иритација на кожата или развој на инфекција. Во таков случај, подобро е да не ги носите во текот на ноќта.
Посебна претпазливост е потребна кај лицата со дијабетес, периферна невропатија или нарушувања на циркулацијата. Кај нив, премногу тесните чорапи и триењето може да претставуваат поголем проблем. Затоа е важно да избираат широки чорапи за спиење, кои не го стегаат стапалото, и редовно да ја проверуваат состојбата на кожата.
Какви чорапи да изберете за спиење?
Стручњаците препорачуваат удобни памучни чорапи кои не ги стегаат нозете. Важно е да немаат тесни еластични рабови што би можеле да ја попречуваат циркулацијата.
За спиење се соодветни ниските чорапи до глуждовите или моделите што достигнуваат до средината на потколеницата, под услов да не создаваат никакво чувство на непријатност.
Не заборавајте и на хигиената: секоја вечер треба да облечете чисти и суви чорапи.