Светот повторно се соочува со недостиг од стручни кадри во рударството, во услови кога критичните минерали стануваат сè поважни за енергетиката, индустријата и националната безбедност.
Американското Министерство за енергетика проценува дека во следната деценија на САД ќе им бидат потребни околу 6.000 нови рударски инженери за развој и воспоставување на домашен синџир на снабдување со критични минерали.
Помошник-секретарот на САД за енергетика и критични минерали, Одри Робертсон, посочува дека Вашингтон вложува во рударството, преработката, технологијата и развојот на работната сила, со цел повторно да ги изгради капацитетите што во изминатите децении се преселиле надвор од САД.
„Ако не го контролираме нашиот синџир на снабдување, ние не ја контролираме ниту нашата иднина“, изјавила Робертсон, нагласувајќи дека фокусот не е само на отворање нови рудници, туку и на воведување иновации во постојните суровински ресурси.
Трендот не е ограничен само на САД. И Европа инвестира во обука и развој на кадри за експлоатација на критични минерални суровини, што покажува дека човечкиот капитал станува еден од клучните предуслови за развој на рударскиот сектор.
Во Македонија, пак, интересот за рударските професии е намален, но кадри сè уште постојат. Тоа неодамна го посочи универзитетскиот професор и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, Ѓорѓи Димов.
Предизвикот, затоа, не е само во создавањето нови кадри, туку и во создавањето услови тие кадри да имаат каде да го применат своето знаење.
Македонија има напредни рударски проекти, меѓу кои и „Иловица-Штука“, што отвора прашање дали постојниот човечки потенцијал може да биде активиран преку нови инвестиции во секторот.
„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна Димов.
Во меѓувреме, последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека бројот на работниците во август 2026 година, во однос на август 2025 година, во секторот „рударство и вадење камен“ се намалил за 8.0%. Ова се должи и на фактот дека во Македонија не е отворен нов рудник во изминатите четириесет години. Единствена сериозна најава останува проектот за ископ на бакар „Иловица-Штука“. Инвеститорот најави дека проектот би бил најголема гринфилд инвестиција во земјава, која ќе обезбеди над 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население. За функционирањето на проектот потребни би биле рударски инженери, машински и електро инженери, геолози, металурзи, геодети, техничари, економисти и правници во администрацијата, оператори на машини, монтери, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, сметководители, магационери, чувари, возачи, медицински персонал итн.
Инаку, во текот на изминатата година, во САД дипломирале околу 160 рударски инженери, наспроти околу 3.000 во Кина – податок со кој помошникот-секретар Робертсон го илустрираше обемот на недостигот од стручен кадар со кој се соочува Вашингтон додека се обидува да го прошири домашното рударство и преработката на руди.
„Во изминатите 30 години го препуштавме управувањето со синџирот на снабдување на надворешни партнери, а со тоа изгубивме и една генерација на таленти и знаење. Располагаме со извонредни таленти на нашите универзитети и се надеваме дека, преку партнерство со одличните образовни институции низ земјата што го обезбедуваат ова образование, брзо ќе ја промениме таа состојба. Изгубивме цела генерација на работна сила во оваа област. За да ја вратиме таа работна сила, ќе бидат потребни решителни мерки и можности, а се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде еден од многуте начини за поттикнување на растот“, изјави Робертсон.
Таа додаде дека Министерството за енергетика работи да им прикаже на локалните заедници колку индустријата е променета и дека новите технологии ја заштитуваат животната средина. Робертсон изрази надеж дека локалните заедници ширум САД ќе ја прифатат идејата дека „за да бидеме светски лидери и да обезбедиме иднина за нашите деца овде, не смееме да ја префрламе целата технологија за преработка во странство“.