Детски стоматолог открива кога треба да започне миењето на забите, колку паста е потребна и зошто млечните заби се многу поважни отколку што мислат многу родители.
Миењето заби на мало дете за многу родители е секојдневен предизвик, особено кога детето одбива да соработува. Сепак, создавањето правилна навика од најрана возраст е важно за здравјето на забите и спречување проблеми подоцна.
Детскиот стоматолог Кејтлин Агњу советува родителите да не се оптоваруваат премногу со тоа дали миењето трае точно две минути, туку најважно е добро да се отстранат наслагите.
Кај малите деца, стоматологот советува главата да биде поставена меѓу нозете на родителот додека детето лежи, за полесно да се гледаат забите одозгора. Рацете на детето може да се постават под нозете на родителот, а вниманието да се одвлече со песничка или смешни изрази на лицето. Со миењето треба да се започне веднаш штом ќе изникне првиот заб, со четка и мала количина детска паста, додека првата посета на стоматолог се препорачува меѓу шестиот и дванаесеттиот месец.
За деца помлади од шест години, Агњу препорачува паста со околу 1.000 ppm флуор, додека за најмалите е доволен тенок слој паста. По петтата или шестата година може да се користи количина со големина на зрно грашок, а кај деца со кариес или оштетена глеѓ стоматологот може да препорача и посилна паста.
Поврзани објави
Важно е забите да се мијат двапати дневно, пастата да се исплука, но устата потоа да не се плакне со вода, бидејќи така се намалува заштитното дејство на флуорот.
Млечните заби се исклучително важни бидејќи помагаат при правилна исхрана, го чуваат просторот за трајните заби и учествуваат во развојот на говорот. Нелекуваните млечни заби можат да предизвикаат болка и да влијаат врз учењето и растот на детето, а кај некои деца е потребна и рана проценка од ортодонт.
Стоматологот советува слатките како лижавчиња, чоколади и бисквити да се ограничат на еднаш до двапати неделно и нагласува дека редовните стоматолошки прегледи се подеднакво важни.
pexels – deca mijat zabi