Системот „Safe City“ наскоро треба да биде проширен и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, при што во проектот ќе биде опфатен и Прилеп.
Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при посетата на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.
Според него, во моментов се подготвува проектната документација, а планирано е во наредните месеци да започне имплементацијата на системот во овој регион.
Проектот предвидува повеќе од 40 точки на подрачјето на СВР Битола, меѓу кои и локации во Прилеп. Целта е преку современа технологија да се овозможи поефикасно следење на сообраќајот и подобра реакција на надлежните служби.
Јанев посочи дека ефектите од „Safe City“ не се ограничуваат само на сообраќајната безбедност. Системот може да се користи и за полициската работа, превенција, утврдување факти и обезбедување докази во постапки, како и за одржување на јавниот ред и мир.
Според него, значаен показател за состојбата во сообраќајот е намалувањето на бројот на жртви, но и подобрувањето на сообраќајната култура кај граѓаните.
Тој апелираше до сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци и велосипедисти – доследно да ги почитуваат сообраќајните знаци и правилата.
„Safe City“ во иднина би требало дополнително да се надградува со нови технолошки алатки, со цел полицијата да биде поефикасна на терен и побрзо да реагира во различни ситуации.
Намалување на насилниот криминал во Прилеп
Говорејќи за безбедносната состојба во Прилеп, Јанев оцени дека статистичките показатели покажуваат позитивен тренд.
Според податоците со кои располага Бирото за јавна безбедност, на подрачјето на ОВР Прилеп е регистрирано намалување на бројот на кривични дела поврзани со насилен криминал.
Јанев посочи дека сличен тренд е забележан и на поширокото подрачје што го покрива СВР Битола.
Тој нагласи дека подобрувањето на безбедноста и модернизацијата на полициското работење остануваат дел од процесот на промена на начинот на кој полицијата делува на терен.