Рударската индустрија во Северна Македонија се соочува со намалено производство и пад на бројот на вработени, додека напредни инвестициски проекти, меѓу кои и Иловица–Штука, сè уште чекаат да ги поминат потребните процедури за реализација. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во август 2026 година е намалено за 10,1% во однос на истиот месец минатата година.
Падот во рударството се случува во период кога и вкупното индустриско производство бележи негативни резултати. Во август 2026 година, индустриското производство во земјава е намалено за 1,9% на годишно ниво. Истовремено, бројот на работници во индустријата е намален за 3%, додека во рударството и вадењето камен падот изнесува 8%.
Овие показатели ја отсликуваат состојбата во секторот, во кој покрај активните рудници постојат и напредни проекти што имаат потенцијал да отворат нови работни места и да придонесат за извозот и економската активност.
Во научната студија „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, изработена од универзитетските професори Драги Пелтечки, Горан Јованов и Стојанче Мијалковски, Иловица–Штука е посочена како еден од напредните проекти за бакар-злато и полиметали во земјава.
„Северна Македонија има неколку карактеристики што ја прават релевантна за оваа дискусија. Земјата располага со активни рудници во Саса, Злетово, Тораница, Бучим и Боров Дол; го задржува големиот комплекс за фероникел во Кавадарци; и поседува низа напредни проекти за бакар-злато и полиметали, како што е Иловица–Штука“, се наведува во анализата.
Авторите посочуваат дека бакарот е значаен за минералната економија на земјава и е вклучен во Листата на критични минерали на Европската Унија. Според нив, новиот европски контекст ја зголемува стратешката вредност на минералните ресурси на земјите од Западен Балкан, но истовремено ги зголемува и очекувањата во однос на управувањето, еколошките перформанси и интеграцијата на пазарот.
Студијата укажува и на предизвиците за развој на рударските инвестиции во земјава, меѓу кои се административната неизвесност, недовербата на локалното население кон експлоатацијата од голем обем и потребата од институционални механизми што ќе овозможат предвидлив и општествено прифатлив развој на проектите.
Паралелно со овие наоди, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини одржало координативен состанок со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Геолошкиот завод, на кој била истакната потребата од системски пристап кон критичните минерални суровини.
На состанокот била разгледана иницијатива за подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини, со која би се утврдиле приоритетите и идните активности за истражување на потенцијалот на земјава, со вклучување на научните и стручните капацитети.