Почетна Економија„Балкан Прајм Турс“ со национално признание за придонес во развојот на дојдовниот туризам

„Балкан Прајм Турс“ со национално признание за придонес во развојот на дојдовниот туризам

од nenad
1 минути читај за

По повод Светскиот ден на туризмот, Министерството за култура и туризам ѝ додели признание на „Балкан Прајм Турс“ како една од најдобрите компании во областа на дојдовниот туризам. Признанието пристигнува во годината кога компанијата одбележува 20 години работа – две децении посветеност, развој и промоција на Македонија како автентична туристичка дестинација.

Во изминатите две децении, „Балкан Прајм Турс“ придонесе за позиционирањето на земјата како привлечна дестинација преку креирање автентични туристички програми, промоција на природното, културното и гастрономското богатство и преку континуираната соработка со домашни и меѓународни партнери. Со своите активности, компанијата го поддржа привлекувањето странски гости, продолжувањето на нивниот престој и поголемата видливост на локалните дестинации и туристички понуди.

„Ова признание има особено значење за нас бидејќи го добиваме во годината кога одбележуваме 20 години работа. Тоа е потврда за долгогодишната посветеност на нашиот тим, довербата на партнерите и заедничката заложба Македонија да ја претставиме како гостопримлива, автентична и вредна за откривање дестинација, но пред се автентични и вредни за паметење искуства и доживувања. И во иднина ќе продолжиме да создаваме квалитетни туристички искуства, да отвораме нови можности за локалните заедници и да придонесуваме за одржлив развој на туризмот“, изјави Влатко Сулев, извршен директор на „Балкан Прајм Турс“.

Јубилејот и признанието се дополнителен поттик „Балкан Прајм Турс“ да продолжи да инвестира во иновативни туристички производи, унапредување на квалитетот на услугите и промоција на помалку познатите потенцијали на земјата. Потпирајќи се на долгогодишното искуство, компанијата и натаму ќе ги поврзува странските гости со локалните понудувачи и културното наследство, создавајќи вредност за туристичкиот сектор и за локалните заедници.