Почетна Убавина и здравјеМарија Најдоска ни откри кои се тајните на нејзината убавина – Убавина и здравје

Марија Најдоска ни откри кои се тајните на нејзината убавина – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Секогаш непосредна и своја, нејзините главни адути се насмевката и енергијата со која зрачи – Марија Најдоска е вистински пример за тоа дека позитивната мисла е најдобриот сојузник за беспрекорен изглед.

Марија Најдоска е една од оние мејкап-артистки кои не се плашат да ја изразат својата автентичност, поради што многу девојки и жени ѝ го доверуваат својот изглед токму нејзе за важните моменти во животот. Како што самата искрено признава, има денови кога изгледа како Адам Сендлер, а има и денови кога се средува како за црвен килим –во секој случај, најважно ѝ е да се чувствува пријатно во својата кожа, бидејќи ниту еден крем или шминка не можат да ги заменат хидратацијата, одморот и менталната стабилност. Тоа е новото секси!

Шминката служи за да истакне нечија природна убавина и да ги скрие недостатоците. Но може ли да има и спротивен ефект?

За жал, шминката може да биде и ваш непријател, но во само два случаи. Првиот е доколку не изберете соодветен избор на производи според вашиот тип на кожа. На пример, ако утнете нијанса (на тен/бронзер/руменило/кармин), може да изгледате постаро од тоа што сте. Вториот случај е доколку ве утне „професионалниот” шминкер. Нема трето.

Негуваното лице е најдобрата основа за секоја шминка. Кои се твоите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапуваш?

Не сум фан на дневни и ноќни рутини од 20 чекори. Сум пробала и сум имала контра-ефект. Секогаш се придржувам до неколку едноставни чекори. Правило број 1 ми е чистење шминка веднаш штом си дојдам дома и длабинска хидратација пред спиење. Наутро, секогаш го мијам лицето со камен ладна вода. Направете си рутина за нега според буџетот што го имате. На пример, линијата Balea Med е економична, а дава прекрасни резултати кај ултрасензитивна, чувствителна, атопична кожа (како мојата). Знаете ли колку клиентки ме посетиле со лош квалитет на кожа, а користеле кремови и серуми поскапи од 300 евра? Не заборавајте да се негувате и однатре. Одвреме-навреме добро доаѓа некој третман за освежување на лицето. Хијалурон и ботокс сè уште немам инјектирано во мене, а како што поминува времето, гледам дека не ме фаќа некоја криза, па изгледа добро балансирам со негата.

Постои ли некоја физичка или карактерна особина што би ја променила кај себе?


Поврзани објави

Естетски не би менувала апсолутно ништо. Физички можеби би симнала тие 4-5 килограми што ги имам качено годинава, некогаш знаат да ми пречат. Карактерно, би сакала да научам како повешто да балансирам со обврските и да избегнувам прегорување. И да научам почесто да кажувам НЕ. Но мислам дека тоа е проклетството на 21. век и дека сите ги имаме истите симптоми.

Си имала ли периоди во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?

Оххх да… Јас сум дете кое од 2 години имало проблем со егземи и алергии. Кога бев помала, често знаев да се срамам поради нив. И во мое време имаше „булинг“ меѓу дечињата. Само тогаш беше прерано да се „скрие” сето тоа со шминка. Најверојатно таква ми била судбината – да научам како да се чувствувам добро во својата кожа, иако имам автоимуна болест. Мојот совет за поголема самодоверба е: не дозволувај општеството да ја креира сликата за тебе. Ти си креаторот на твојот живот. Зборувај со себе како што би ѝ зборувала на сестричка 20 години помала од тебе. И стави го црвениот кармин! Има посебна магија во тоа. Ако не ми веруваш, пробај!

Кои се твоите топ 3 совети за беспрекорен изглед?

Многу вода, доволен сон и убава позитивна мисла. Ниту еден крем или шминка не можат да ги заменат хидратацијата, одморот и менталната стабилност. Тоа е новото секси. Ако е беспрекорно однатре, тоа веднаш се познава однадвор.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, ИНСТАГРАМ