Почетна Убавина и здравјеКога грижата за себе престана да биде суштинска потреба и почна да личи на објава на Инстаграм? – Убавина и здравје

Кога грижата за себе престана да биде суштинска потреба и почна да личи на објава на Инстаграм? – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Грижата за себе е неопходна за здрав и квалитетен живот, но последниве години како да доби комерцијална нишка и статус на тренд. Постои верзија на самогрижа што живее исклучиво на Интернет. Таа се буди во 6 часот наутро без аларм. Пие вода со лимон. Поседува слатки комплетчиња за вежбање. Пишува дневник со совршен ракопис. Домот ѝ мириса на лаванда и финансиска стабилност. Ја мразам.

Некаде по пат, грижата за себе престана да биде суштинска потреба и почна да личи на објава на Инстаграм. Свеќи. Мача. Утрински ритуали снимени од три различни агли. Креаторите на содржини некако успеаја да нè убедат дека грижата за себе треба да биде фотогенична, гламурозна и, по можност, беж.

Но како е во реалноста?

Во реалноста, вистинска самогрижа е кога се убедуваш себеси да не го откажеш лекарскиот преглед што си го закажал во наплив на ентузијазам. Вистинска самогрижа е кога ќе се заборавиш под туш тонејќи во сопствените мисли и грижи. Вистинска самогрижа е кога ќе ги откажеш плановите со друштвото затоа што треба да станеш порано утредента. Ништо од ова не изгледа добро на слика.

Најголемата иронија е што вистинската грижа за себе најчесто се состои токму од тоа што најмалку сакаш да го правиш во моментот. Заборавете на класичните објави со ознака #selfcare. Замислете си низа од објави со наслов: „Добри работи што ги правам за себе, дури и кога не сакам да ги правам“. Прва фотографија: Конечно го иницирав тешкиот разговор со партнерот. Втора фотографија: Платив сметки. Трета фотографија: Признав грешка. Четврта фотографија: Плачев во автомобилот на паркинг. Колку лајкови мислите дека ќе собере ваква објава?

Да не се сфатиме погрешно. Кој не сака да си стави маска за лице или да потроши пари на глупости? Апсолутно треба да си дозволуваме мали слатки задоволства! Но тие никогаш не ги решаваат проблемите. Тие служат како награда по добро завршена работа.

Што сака идната „ти“?


Поврзани објави

Луѓето на социјалните мрежи ја опишуваат самогрижата како нешто што би требало да направи да се чувствувам добро. Јас мислам дека тоа е нешто за коешто идната „јас“ би ми бил благодарна. Идната „јас“ никогаш нема да ми каже „фала“ за тоа што сум ги оставила сите мејлови неодговорени. Нема да ми биде благодарна што сум ја игнорирала чудната болка во коленото цели шест месеци. И воопшто не е импресионирана од мојот талент за прокрастинација.

Идната „јас“ обожава здодевни одлуки. Тоа се тие обични задачи што нема драматично да ти го сменат животот, но незабележливо ја менуваат архитектурата на твојот живот. Постои причина зошто психолозите велат дека вистинската самогрижа се состои од граници, рутини, финансиска одговорност, доволно движење, квалитетен сон и работа на себе. За жал, овие нешта не можат да се продадат така лесно како миризлива свеќа или мача-лате. И најчесто се случуваат без сведоци.

Никој не знае дека си ја отследил личноста што правела да се чувствуваш лошо. Никој не ти ракоплеска кога ќе се воздржиш од тоа да му пишеш на бившиот. Никој нема поим дека цел викенд си го чистела станот, затоа што твоето ментално здравје почнало да личи на купот облека на креветот.

Придобивките од оваа форма на самогрижа не се гласни, туку приватни. Се чувствуваш полесно. Спиеш подобро. Престануваш да се оптоваруваш со работите што никогаш не ни требало да те оптоваруваат. И можеби затоа естетската верзија на грижата за себе стана толку популарна. Вистинската верзија не нуди надворешна валидација. Емоционалното созревање нема фотографии пред и потоа. Не може да се спакува во „рилче“ со доволно драматичен саундтрак што би го опишал моментот кога конечно си престанал да им угодуваш на другите на сметка на сопствената среќа.

Па, ако твојата рутина за самогрижа не изгледа луксузно, туку подразбира закажување прегледи, чистење, одење на терапија, водење тешки разговори или едноставно преживување на денот без да се распаднеш на милион парчиња – честитки! На добар пат си, иако тоа можеби нема да ти донесе илјадници лајкови.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: Getty Images