Почетна Убавина и здравјеЖената зрачи кога се чувствува здраво и силно – „Теговите не те прават мажествена, туку способна“ – Убавина и здравје

Жената зрачи кога се чувствува здраво и силно – „Теговите не те прават мажествена, туку способна“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Вежбањето одамна не е само средство за обликување на телото. Тоа е пат кон поголема сила, здравје, самодоверба и подобар однос кон сопственото тело. Даниел Трбогазов, магистер по кинезиологија и основач на фитнес-студиото „Мој тренер“, верува дека токму преку правилниот тренинг жената може да ги открие и да ги надгради своите физички и ментални потенцијали.

Секоја жена што е физички активна и негува некоја спортска дисциплина, создава промена – најпрво во себе, па потоа и во светот околу неа“, вели Даниел Трбогазов.

Во време кога фитнесот сè уште често се гледа низ стереотипи, особено кога станува збор за жените и тренингот со тежини, тој има јасна порака: женското тело не е помала верзија на машкото и не треба да се тренира според исти правила. Токму затоа, неговиот професионален фокус е насочен кон подобро разбирање на женската физиологија, индивидуалниот пристап и рушењето на митовите што со години ги следат жените во фитнес-светот.

За него, вистинската промена не се гледа само во огледалото. Таа се чувствува во начинот на кој жената се движи, се доживува себеси и се соочува со предизвиците.

„Жените не се мали мажи“

Која жена од фитнес-светот особено влијаела врз твојот професионален развој?

Жената што ми го смени начинот на размислување е д-р Стејси Симс – научничка што застана гласно и јасно зад мотото: „Жените не се мали мажи“. Женското тело е комплексен биосистем, па затоа различностите не дозволуваат унисекс тренинг-програми. Од неа научив дека хормоните, циклусите и психофизичките фази кај жените бараат индивидуален пристап.

Колку повеќе учам за женската физиологија, толку повеќе ја почитувам секоја жена што доаѓа во сала.

Жените не влегуваат во сала само заради изгледот

Има ли разлики во мотивацијата кај жените и мажите кои доаѓаат на тренинг?

Има. Жените најчесто доаѓаат да си ги вратат самодовербата и емоционалниот баланс. Мажите повеќе ги мотивираат изгледот и силата. Но со текот на времето и жените и мажите сфаќаат дека тренингот не е само цел што треба да се достигне, туку начин на живот, кој бара одржливост и квалитетно секојдневие.

„Теговите не те прават мажествена“

Постојат ли сè уште предрасуди за жените кои вежбаат со поголеми тежини?

Апсолутно. Тоа е последица на темната страна на фитнес-индустријата, односно анаболните стероиди. Многу девојки ќе видат жена со неприродно мускулест изглед и веднаш ќе помислат: „Ова ќе ми се случи ако кревам тегови“. А тоа не е резултат на теговите, туку на хормоналните супстанции што немаат никаква врска со здравиот тренинг и начин на живот.

Јас ги учам клиентките дека тежините не те прават мажествена, туку способна, функционална и згодна на свој начин. Секоја жена што крева тегови за мене е револуционерка која поставува стандарди за убав изглед.

Што навистина значи да се биде силна жена?

Што е силна жена според тебе?

Силна жена не е таа што не паѓа – туку таа што станува и повторно се издигнува. Убавиот изглед зборува за личните стандарди и физичките квалитети, но не е пресуден во целост. Силата кај жената повеќе е карактерна особина, која се изразува преку капацитетот за љубов и емпатија.


Поврзани објави

„Теговите се за мажите“ – мит што треба да остане во минатото

Кој е најголемиот мит за жените и фитнесот што би сакал да го демистифицираш?

Дека жената треба да вежба само кардио и дека теговите се за мажите. Жените имаат целосно право да бидат силни, грациозни и функционални. Митот дека жената ќе стане како маж поради вежбањето со тегови е исто како да речеш дека ако возиш велосипед – ќе станеш шампион на Тур де Франс.

Апсурдно, зар не?!

„Привлечноста е енергија“

Како ја дефинираш привлечноста кај една жена – и има ли врска со тоа колку е фит?

Фит е состојба што зборува за физичките квалитети кај единката. Сепак, привлечноста не е само физички изглед и бројка на вагата. Привлечноста е енергија. Жената што знае да биде присутна, своја и свесна за сопствените квалитети, зрачи со привлечност која не згаснува. Фитнесот само го буди и го изострува тоа кај неа.

Кога жената се чувствува силно и здраво – таа зрачи.

Ронда Раузи или Наташа Мешковска?

Кога би можел да тренираш со која било жена во светот, која би ја избрал?

Од светот би ја одбрал Ронда Раузи – борец, олимпијка и револуционерка. Од Македонија – Наташа Мешковска, нашата пливачка легенда што нè претставуваше на Олимписките игри. Таа е доказ дека упорноста, скромноста и дисциплината се поважни од која било титула. Жените како неа се нашите хероини – и треба почесто да зборуваме за нивните достигнувања.

Силата што се гледа – и онаа што се чувствува

За Даниел Трбогазов, фитнесот не завршува со бројката на вагата, обемот на половината или изгледот во огледалото. Вистинската вредност на тренингот се гледа во она што жената го носи со себе надвор од салата – поголема самодоверба, физичка сила, функционалност, дисциплина и чувство дека може повеќе.

Зашто, како што вели тој, кога жената се чувствува здраво и силно – таа едноставно зрачи.

Разговарала: Марија Лукаревска