Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон порача дека Соединетите Американски Држави ја гледаат Македонија како важен партнер во регионот, а стратешката соработка во следниот период би можела да донесе значајни инвестиции.
Во разговорите со американската ДФЦ биле разгледани можности за финансирање на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, како и други енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции.
Мицкоски откри и дека Владата разговара со шест компании за изградба на дата-центри, меѓу кои и „Рамбл“. Според него, овие инвестиции треба да придонесат за развој на високотехнолошка индустрија и зголемување на додадената вредност во економијата, пишува Плус инфо.
Како дел од долгорочната стратегија ги посочи и гасната инфраструктура, Коридорите 8 и 10-д, железничките врски и високонапонските далноводи. Тој очекува јужниот и северниот гасен интерконектор да бидат завршени до крајот на 2028 година, со што би се зголемиле можностите за нови енергетски и технолошки инвестиции.